Македонија
17. July 2026 - 19:54

Пет лица под лупа на ДКСК поради истовремено извршување повеќе функции

Додека работеле во државни институции извршувале уште една функција - Антикорупциска стави под лупа пет лица откако по проверка на изјавите за имотната состојба утврдиле дека лицата истовремено извршуваат две или повеќе функции. Претседателот на Антикорупциска вели дека во најчест случај лицата се именувани од централната власт и за нив ќе бидат оформени предмети и иницирани прекршочни постапки.

Само во март Антикорупциска утврдила дека вкупно 38 лица кои биле избрани, именувани или разрешени од функцијата, не поднеле изјави за имотната состојба во законскиот рок. Чучуљ најавува постапки за сторениот прекршок и зголемени контроли, а до крајот на годината очекува бројката да надмине и 500 прекршочни платни налози.

Паричните глоби кои се утврдуваат за неисполнување на обврските да се пријави имотната состојба за службени лица се движат од 300 до 500 евра, што не е доволен механизам да се почитуваат законските обврски, сметаат од Комисијата.

Оттаму се надеваат на подобрување на законските решенија, за да се спречи корупција и судир на интереси. Дека глобите не се доволни се констатира и во извештаите на ГРЕКО, каде се наведува дека санкциите се ниски и не се доволно одвраќачки.