Македонија
19. July 2026 - 16:32

Реформската агенда поле за нова партиска пресметка

Реформската агенда повторно стана поле за политичка пресметка. Власта и опозицијата, со меѓусебни обвинувања за тоа кој ги кочи промените и кој ја доведува во прашање европската перспектива на земјата. Од СДСМ обвинуваат дека премиерот испраќа контрадикторни пораки за Реформската агенда. Повикувајќи се на најновиот извештај на Европската комисија за владеењето на правото, обвинуваат дека во земјава нема суштински напредок во реформите во правосудството.

За Левица последниот извештај за владеење на правото бил доказ дека корупцијата е вкоренета во најчувствителните делови на државата, додека владата се прикажува како првак во регионот по спроведени реформи.

Наместо институции што го штитат јавниот интерес, Комисијата опишува држава во која корупцијата продолжува да навлегува и во секторите од кои зависат животот и здравјето на граѓаните, стои во партиското соопштение.

Реформската агенда ќе продолжи и покрај опозициските блокади, вратија од ВМРО-ДПМНЕ. Според нив, проблемот на СДС, Левица и ДУИ е што не можат да поднесат уште еден реформски успех на Македонија, затоа блокираат.

Документот со исполнетите обврски од Реформската агенда, на 15-ти јули македонската Влада го испрати до Брисел. За премиерот Мицкоски ова е доказ дека реформскиот процес се води одговорно и транспарентно, а во динамиката на реализацијата ќе бидеме далеку пред многу други, и покрај блокирањето на Изборниот законик.