Македонија
20. July 2026 - 12:24

Оризопроизводството на работ на опстанок

На два месеци пред почетокот на жетвата, оризопроизводителите од Кочанскиот регион предупредуваат дека новата реколта ја дочекуваат без решение за најголемиот проблем, откупната цена. На средбата со новиот министер за земјоделство тие побарале државата да интервенира, бидејќи, како што велат, сегашната цена што ја нудат откупувачите не ги покрива ниту основните производствени трошоци, поради што инсистираат на нова пресметка на производната цена и законски правила кои ќе го регулираат откупот.

  • Ние очекуваме да имаме нова производна цена која ќе изнесува околу 30 денари. За жал, кај откупувачите тоа не поминува и сега се случува оризовата арпа да ја откупуваат по 18 денари. Ние, како оризопроизводители, ќе останеме доследни на нашите барања. Од самиот министер и од Владата ќе бараме да се изготват закон и правилник за откуп на оризовата арпа, изјави Тони Максимов, оризопроизводител.

Земјоделците сметаат дека со сегашните услови не може да се обезбеди опстанок на производството. Велат дека без цена која ќе ги покрие вложувањата и ќе остави минимална заработка, сè повеќе производители ќе се откажуваат од оризот.

  • Не може производната цена да биде 25 денари, а откупната 18. Барањето беше, а и договорот, откупната цена да биде 25 проценти над производната цена, за да можеме да го одржиме земјоделството. Не да живееме, туку да преживееме. Сега, за 2026 година, откупната цена треба да биде минимум 35 денари. Во спротивно, оризот ќе ја доживее судбината на многу други култури што веќе исчезнаа, изјави Здравко Арсов, оризопроизводител.

Покрај барањата за повисока откупна цена, оризопроизводителите очекуваат институциите да преземат активности и за пласманот на домашното производство. Во пресрет на новата жетва, тие очекуваат Владата да помогне во отворање странски пазари и зголемување на извозот на македонскиот ориз.