Македонија
20. July 2026 - 16:29

ДКСК одлучуваше по 66 предмети

ДКСК затвори 66 предмети, голем број од нив ги отфрли откако на денешната седница утврди дека по пријавите веќе постапувале други надлежни институции. Пријавата за исплата на 15 проценти додаток на плата во Агенцијата за финансиска поддршка е еден од предметите што денеска го затвори Антикорупциската комисија. По вонредниот инспекциски надзор државниот инспекторат за труд не констатирал неправилности во работењето на институцијата.

Комисијата ја отфрли и пријавата против градоначалник за дивоградба бидејќи за случајот констатираше дека веќе постапува надлежното обвинителството. Постапка нема да има ниту за погребално претпријатие каде пазарниот инспекторат веќе утврдил прекршоци и изрекол соодветни мерки.

ДКСК констатираше предмети со изречени санкции за избрани и именувани лица. Издадени се десетина прекршочни налози за функционери кои не доставиле анкетен лист за имотната состојба. Поголемиот дел од нив веќе ја платиле казната во законскиот рок и ги поднеле бараните пријави за имотот.