Како да добиете обештетување доколку имате штети од невремето во вторникот?
КАСКО осигурување е единствениот начин да бидете обештетени доколку вашето возило настрада во вторникот. За зградите чии кровови летаа од ветрот со брзина од 134 километри на час, обештетување можете да добиете само доколку Заедницата на станари го осигурала заедничкиот имот. Во спротивно, пари можете да добиете само на добра волја на институциите и општините.
Паркови и Зеленило е институцијата која се грижи за дрвата во Скопје. Ги бележи оние кои се за сечење или за кроење. Но тоа не значи дека ќе бидете обештетени доколку вакво дрво ви направило штета, зашто невремето во вторникот се смета за „елементарна непогода“.
- Обештетување правиме во случаи кога силината на ветрот е под 60 километри на час или доколку во нормални временски услови се случи, обележано дрво, тоа значи Градот Скопје за тоа дрво да има издадено решение за кастрење или за сечење. И тоа дрво доколку предизвика некаква материјална штета, во тој случај Паркови и Зеленило ги обештетува граѓантие, велат оттаму.
Автоодговорност е осигурување кое го плаќаме при секоја регистрација на возилата, но тоа не покрива штети од надворешни фактори. Од осигурителните компании велат дека многу е мал бројот на граѓани кои возилата ги осигуруваат КАСКО. Тоа обично го прават оние кои купуваат нови возила, особено доколку тоа е на лизинг што во суштина наложува КАСКО осигурување. Меѓутоа, не сите КАСКО полиси значат дека би добиле обештетување, туку во самата полиса мора да постои ставка „ризик луња“.
- КАСКО осигурување претставува осигурување во кои го осигурувате вашето возило од повеќе ризици. Ризици од сообраќајна незгода, ризик пожар, ризик луња, поплава. Многу ризици во коишто еден од осигураните ризици во нашата компанија зависно од тип на осигирување, треба да се види да се види дали во сите е ризикот луња којшто се случи. Тој опфаќа обештетување доколку штета на осигуруваното возило коешто е причинето од овој настан, вели Бобан Јанев од АД Осигурување Полиса.
Во делот на заедничкиот имот во објектите за колективно домување процедурата е уште покомплицирана. Сопствениците на посебни делови со договорот за заемни односи имаат можност да го определат начинот на осигурување на заедничките делови на зградата и да плаќаат осигурителни премии.
- Сопствениците на посебните делови одлучуваат за работите на управувањето меѓу кои е и осигурувањето на заеднички делови, инсталации, опрема, како и градежни елемнти на станбената зграда со мнозинство гласови според сопственичките делови, а управителот или Претседателот на заедница на сопственици ги извршува одлуките на сопствениците на посебните делови, велат од Регулаторната комисија за домување.
Сепак, државата најавува дека ги обештети граѓаните, иако барем засега нема информација дали ќе бидат исплатени 100% од штетите или само одреден дел. Општините веќе формираат Комисии кои ќе разгледуваат и одлучуваат за пријавените штети.
- Граѓаните коишто имаат штета треба да ја пријаваат таа штета кај Комисиите. Тие ќе направат проценка и веднаш во Комитетот за проценка на штети ќе ги достават до Владата, а ние согласно Закон и пракса ќе интервенираме и ќе ги обештетиме тие коишто ќе пријават штета, вели премиерот Мицкоски.
Во големото невреме во вторникот само во Скопје оштетени беа речиси 120 возила, 35 покриви, паднаа безмалку 200 дрва, а штети има и на многу јавни објекти, како училишта, објекти на министерства и јавни институции.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
