Македонија
24. July 2026 - 16:29

Велковски уверува: Парите во вториот пензиски фонд се гарантирани и со Закон и со Устав

Заштедените пари во Вториот пензиски столб се загарантирани и сите осигуреници ќе ги добијат, дури и доколку државата се одлучи да го укине. Министерот за социјална политика Ѓоко Велковски во интервју за утринската на Сител „Ја сакам Македонија“ уверува дека граѓаните не треба да се плашат дека ќе ги загубат заштедените пари.

- Доколку се спојат првиот и вториот пензиски столб? Дали парите ќе бидат некако наследени?

- Ова се што е штедено, секој од нас што штедел, што и да се случи парите се негови. Тие се загарантирани и по Закон и по Устав. Така што, тука треба граѓаните да немаат дилема дека тие пари се нивни и се заштедени. 

- Народски да кажам, министер, луѓето се плашат да не ги земат парите од Вториот, да ги стават во првиот и толку да биде.

- Не, тоа не може да се случи бидејќи тие се нивни заштедени средства, вели Велковски.

Велковски уверува дека државата во моментот не размислува за зголемување на старосната граница за пензионирање. Меѓутоа, оние кои се стручни, способни и сакаат да работат и по надминување на границата, тоа можат да го направат.

- Во овој момент не се размислува и не се прави анализа за тоа дали да се покачи старосната граница. Само еден аспект којшто е многу важен, по многу закони, на пример Законот за здравство, за образование, јавно обвинителство, во нивните матични закони на овие професии веќе е дозволено да можат да продолжат да работат токму овие стручни кадри.

- Ама кој сака.

- Да, кој сака.

- Тоа е многу важно, вели Велковски. 

Дебатата за реформа на пензискиот фонд се отвори откако премиерот Мицкоски кажа дека Вториот пензиски фонд кој постои точно 20 години не ги дал потребните резултати, и граѓаните ќе бидат изненадени кога тој ќе биде отворен.