Пет години за спас на Охридскиот регион - УНЕСКО го одложи впишувањето на листата во опасност
Охрид и Македонија добија нов рок од 5 години да ги спроведат препораките на УНЕСКО за охридскиот регион да не биде впишан на Листата на светско наследство во опасност. По одлуката на Комитетот кој заседава во Бусан, Јужна Кореја, до 2031 година Македонија треба да направи конкретни чекори за да го заштити стаусот на светско природно богатство. За владата ова е диломатска победа на државата.
Дивоградбите и отпадните води се најгорливиот проблем и предизвик за Охрид. Муцунски вели дека ставот на владата за дивоградбите е јасен дека тие мора законски да се отстранат. Од градот пак го чекаат конечниот извештај за да знаат кои би биле првите работи со кои би се зафатиле за решавање.
Опозицијата обвинува дека власта е неспособна да ги исполни забелешките. Според нив и во овој петгодишен рок нема да се направи ништо.
Само уште еден алиби-рок за власт што докажано не знае да штити ниту вода за пиење, а камоли светско наследство. Екипата на ВМРО-OKГ не знае ни билборд да направи, а не да сочува наследство. Знаејќи ги, после пет години повторно ќе биде виновен некој друг. Некој од пред 35 години. Секој е виновен, освен Мицкоски и тендер-коалицијата што ја сочинува оваа власт.
Македонија и Албанија треба заеднички да подготват временска рамка за спроведување на Стратегискиот план до 2030 година, а до 1 февруари 2027 година да достават извештај за остварениот напредок.
УНЕСКО бара конкретни мерки за Охрид за зачувување на неговата „исклучителна универзална вредност“,запирање на неконтролираната урбанизација и нелегалната градба, заштита на природните вредности на Охридското Езеро, подобро управување со регионот, заштита на културното наследство, ограничување на притисокот од туризмот, изготвување целосна стратегија за управување со регионот.
За првпат во 1979 година Охридско Езеро беше впишано на Листата на светско наследство според природните критериуми, поради неговата исклучителна старост, биолошка разновидност и големиот број ендемски видови. А во 1980 година впишувањето беше проширено со културно-историските вредности на Охридски регион.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар
