Свет
27. July 2026 - 19:31

Илон Маск: УСАИД беше политичка организација, никој не умре што ѝ ги скративме парите

Никој во Африка не умре поради тоа што администрацијата на Трамп го укина финансирањето на сомнителни невладини организации преку УСАИД, дециден е милијардерот Илон Маск, кој во новиот мандат на американскиот претседател првично го презеде управувањето со ДОЏ (DOGE – Одделот за владина ефикасност). Негова задача беше токму да ги укине или намали програмите на УСАИД првенствено во Африка, Источна Европа и Западен Балкан, под сомнение дека УСАИД, наместо за општо добро и промоција на американски и прозападни вредности, всушност фаворизирала и промовирала левичарски идеи од времето на Обама, Хилари Клинтон и Бајден.

Маск во последното интервју дадено за „Економист“, на провокациите на уредничката Зани Минтон Бедоус дали чувствува вина бидејќи некое дете во Африка починало поради ненадејното кратење на парите, сигурен во себе одговара: „Нула! Нула луѓе починаа поради ДОЏ“. И додава дека информациите за настрадани поради стопирањето на помошта се лажни, бидејќи, како и медиумите, и тој располага со информации од Африка.

УСАИД беше политичка организација

На коментарот на Бедоус дека „ако финансирањето за антиретровирусни лекови се прекине преку ноќ и едноставно запре, тогаш луѓето ќе починат кога нема да имаат пристап до нив…“ и дека „Во многу од овие земји, УСАИД (USAID) беше најголемиот финансисер“, Маск одговара:

„Не, само ако не можат да добијат финансирање за тоа. Но, Фондацијата Гејтс има 50 милијарди долари. Што е со нив? Што е со која било од бројните организации? Што е со Мекензи, како и да ѝ е презимето сега, порано Безос, која даде 50 милијарди долари. Што е со тоа?… УСАИД беше политичка организација!… Исто така, финансирањето на УСАИД не беше запрено. Беше префрлено во Стејт департментот… Кога ќе се запре финансирањето за измамнички организации или за нешто слично, дали мислите дека тие ќе кажат: „Па, ве молиме продолжете да ја финансирате измамата“, или мислите дека ќе излезат со тажна приказна која звучи сочувствително за да им се врати финансирањето? Очигледно, ќе биде второто. И токму тоа го направија. Нула луѓе умреа. Нула запирка нула!“

За неспасениот свет одговорност имаат и Гејтс и Мекензи 

Но, Бедоус не се откажува и коментира: „Јас всушност имам многу симпатии за промената на режимот на помош што ја предизвикаа САД под администрацијата на Трамп. Меѓутоа, мислам дека темпото и ненадејноста со која тоа се случи речиси сигурно ќе предизвикаат непотребни страдања и смртни случаи“, на што милијардерот одговара:

„Мислам дека тоа е целосно лажно. Во ред? И очигледно лажно, бидејќи сумата на финансирање за која зборуваме е далеку помала од она што може да се поддржи преку приватни фондации како Фондацијата Гејтс или фондацијата на Мекензи Безос. Таа подари десетици милијарди долари. Фондацијата Гејтс има десетици милијарди долари. Тие се способни да дејствуваат многу брзо. А ако не го сторија тоа, би рекол дека се еднакво одговорни“.

Уредничката поразено коментира: „Сфаќам. Во ред“, а Илон Маск уште посамоуверено одговара: „Очигледно. Добро. Нула луѓе починаа поради ДОЏ. Нула!“

Во истото интервју најбогатиот човек во светот застана против апсурдната и лажна карактеризација на десницата, особено од некои традиционални медиуми, коментирајќи дека се работи за нормални луѓе и нормални вредности, истовремено разоткривајќи ги политичките манипулации што доаѓаат од левата страна на политичкиот спектар.

Тој во интервјуто отворено застанува и против мигрантската политика, ако тоа значи прекршување на закони или зголемување на убиства и силувања, но и наметнување на нови правила спротивни за националните вредности.