Уапсен 19-годишен Македонец осомничен за обид за убиство во Будва
Уапсен е македонскиот државјанин Андреј Танасковски кој пред една година се обиде да убие член на криминална банда од Будва. 19 годишниот Танасковски, бил пронајден во таен стан во Никшиќ. По распитот во полиција, Вишото државно обвинителство во Подгорица побарало негово задржување во траење од 72 часа.
„На осомничениот му се става на товар дека на 7 август 2025 година во Будва, се обидел да го лиши од живот оштетениот Марко Љубиша – Кан на начин што му се доближил од зад грб и со пиштол кој го поседувал и носел без дозвола, испукал повеќе кушуми кон оштетениот и му нанел живот-загрозувачки повреди“, се вели во известувањето на Вишото државно обвинителство во Подгорица.
На денот на обидот за убиство, Танасковски бил сместен во хотел во Будва, но пријавен со фалсификувана лична карта како српски државјанин. По нападот, тој остана недостапен за полицијата се до вчера. Освен Танасковски, со него е уапсено уште лице под сомнение дека помагало во криење на осомничениот.
„За Андреј Танасковски беше распишана меѓународна потерница поради кривичното дело убиство во обид оти со огнено оружје испукал два куршуми во правец на жртвата, при што, таа се здобила со телесни повреди во пределот на главата. На осомничениот му се ставаат на товар и делата недозолено носење на оружје и фалсификување на исправа“, велат од Црногорската полиција.
Истрагата засега не открива зошто Македонецот Танасковски сакал да го убие Марко Љубиша – Кан кој е член на Шкаљарскиот клан. Групата важи за една од најопасните криминални организации на Балканот која потекнува од Црна Гора и е позната по крвавата пресметка со ривалскиот Кавачки клан. Конфликтот меѓу двете групи е поврзан со трговија со дрога и ликвидации низ повеќе европски држави.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
