Доктор Даниловски предупредува: Осумте случаи се само врвот на епидемијата

Во оваа фаза најважни се засилениот епидемиолошки и ентомолошки надзор, следењето на активноста на вирусот, систематската контрола на комарците и личната заштита од убоди, напиша на Фејсбук, доктор Драган Даниловски за случаите на Западнонилска треска во државата.
Во државава досега се евидентирани осум случаи на Западнонилска треска.
-Сите регистрирани пациенти имале тешка, невроинвазивна форма на болеста, со зафаќање на централниот нервен систем. Оваа информација заслужува малку подлабоко епидемиолошко разгледување. Осум тешки случаи? Но, осум од колку вкупно инфекции? Тоа е прашањето што бројката сама по себе не може да го одговори. Кај инфекцијата со вирусот на Западен Нил, околу 80 проценти од инфицираните воопшто немаат симптоми. Кај приближно 20 проценти се јавува фебрилна болест, најчесто со релативно лесен тек. Тешката невроинвазивна форма се развива кај помалку од еден процент од инфицираните, а ризикот расте со возраста и кај лица со одредени хронични заболувања и нарушен имунитет - пишува во објавата на Фејсбук.
Докторот пишува дека токму тешките случаи имаат најголема веројатност да стигнат до болница, да бидат лабораториски испитани и да влезат во официјалната статистика. Асимптоматските инфекции, се нагласува во објавата, остануваат невидливи, а дел од лесните случаи веројатно никогаш нема да бидат препознаени како Западнонилска треска.
- Оттука, осумте регистрирани тешки случаи се видливиот врв на епидемиолошката „санта мраз“. Под површината останува непознат број асимптоматски инфекции, лесни или неспецифични форми што не биле препознаени како Западнонилска треска, како и случаи кај лица кои воопшто не побарале лекарска помош. Без горново објаснување, објавените информации во медиумите дека „сите регистрирани случаи имале тешка, невроинвазивна форма на болеста“ лесно може да бидат погрешно прочитани како: „Западнонилската треска кај нас предизвикува тешка болест кај сите заразени“. И дека штом е така, логично, вирусот станал поагресивен. Што, се разбира, не е точно - подвлекува доктор Даниловски.
Од особено епидемиолошко значење, нагласува тој, е и фактот што најголемиот дел од досега регистрираните случаи се автохтони.
- Тоа потврдува дека вирусот ова лето циркулира локално во природниот циклус птици - комарци и дека постои изложеност на населението. Во оваа фаза најважни се засилениот епидемиолошки и ентомолошки надзор, следењето на активноста на вирусот, систематската контрола на комарците и личната заштита од убоди. Значи, во епидемиологијата изолирана бројка сама по себе не значи ништо! Таа е почеток на анализата. Нејзиното вистинско значење го добиваме дури кога ќе прашаме од која популација произлегува, како е регистрирана и што останало невидливо зад неа - додава докторот.
За поширокиот контекст на Западнонилската треска и другите заболувања што се пренесуваат со вектори, тој појаснува оти на 6 јули објавил подетална анализа: „Како климатските промени и векторите ја менуваат епидемиологијата на заразните болести“.
МИА
Ново на Сител
-

Девет грчки плажи останаа без наградата „Сино знаме“
-

Следната недела пеколни горештини во Македонија: Тропски ноќи и температури над 40 степени
-

Уапсени две лица од гостиварско поради организирање борби со кучиња
-

Кривична против тројца за поткуп при полагање стручен испит
-

Зголемени продажните цени на производителите на индустриски производи
-

Тројца загинати во украински напади со дронови во Белгородската област, гранатиран и автобус
-

Колони на Богородица: За влез во Грција се чека најмалку 40 минути
-

САД забранија увоз на нови модели кинески хуманоидни роботи и инвертори поради ризици за националната безбедност
