„Политико“: ЕУ ги менува правилата за проширување поради страв од блокада на Унијата
Брисел стравува од тројански коњи во сопствените редови, Европската Унија подготвува сериозна ревизија на правилата за проширување за да спречи идните членки да го блокираат носењето клучни одлуки. Како што објавува Политико, повикувајќи се на високи дипломатски извори, зад јавната поддршка за проширувањето во моќните европски престолнини како Париз, Берлин и Хаг постои страв дека забрзаниот прием на нови држави може да ја парализира Унијата преку злоупотреба на правото на вето во надворешната политика и буџетот.
– Постои причина зошто процесот на проширување трае со децении. Се плашиме дека ќе пуштиме „тројански коњ“ – изјавил за „Политико“ дипломат од земја која е скептична кон забрзаното проширување.
Според пишувањата на медиумот, Европската комисија веќе работи на нови правила за кандидатите за членство. Намерата на Брисел е да им гарантира на земјите од Унијата дека новиот бран проширување нема да доведе до блокада во носењето одлуки, ниту пак ќе го комплицира одливот и распределбата на пари од заедничката каса.
Токму за ова европските лидери ќе расправаат на самитот во октомври, каде што ќе се кршат копјата околу внатрешните реформи и идното проширување на ЕУ. Дебатата се зажешти по забрзувањето на европскиот пат за Украина, Молдавија и Западен Балкан. Според Политико, овој самит ќе пресече не само кој кога ќе влезе, туку под какви нови правила и услови ќе се влегува во Унијата.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
