Ангелов: Вчерашниот ден најтежок со 52 пожари на отворен простор, најголем предизвик се Студеничани и Македонски Брод

Вчерашниот ден беше најтежок од почетокот на новата сезона на пожари, со регистрирани најмалку 52 пожари на отворен простор, од кои 46 се изгаснати, додека шест сѐ уште се активни, информираше директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов.
Покрај активните пожари, тој посочи дека се појавиле и нови жаришта ширум државата, а најголем предизвик, вели, се пожарите во општините Студеничани и Македонски Брод, додека прилепскиот пожар е ставен делумно под контрола.
- Вчерашниот ден беше најтежок од почетокот на новата сезона на пожари. Имавме најмалку 52 пожари на отворен простор. Благодарение на целодневната борба на локалните пожарникари, 46 од нив си изгаснати, шест останаа активни во текот на денешниот ден. Покрај овие шест пожари кои што горат од вчера, во текот на денешниот ден се појавија повеќе нови пожари. Еден од најтешките е пожарот кој што изби во непосредна близина на Прилеп, покри магистралниот пат кон Битола - вели Ангелов.
За пожарот во Прилепско, кој зафатил поголема површина поради силниот ветер и покрај рамничарскиот терен, Ангелов нагласи дека се очекува наскоро да биде целосно локализиран, но посочи дека огнот предизвикал материјална штета.
- Во овој момент, овој пожар е поставен под делумна контрола, очекувам набругу да биде ставен под целосна контрола. За жал, во пожарот настрада штала во која што била складирана одредена количина на тутун. Покрај овој пожар, најголем предизвик за нас е пожарот на територијата на Општина Студеничани - рече Ангелов.
Според него, најголем предизвик во моментов е пожарот во атарот на селото Рамни Габер во Општина Студеничани, кој се одвива на екстремно непристапен и стрмен терен. Во гасењето се вклучени ер трактори, специјални тимови на Дирекцијата за заштита и спасување и скопската Противпожарна бригада, кои во текот на ноќта дежурале за да не дозволат огнот да се приближи до населените места.
- Во текот на вчерашниот ден, врз овој пожар, дејствуваат три ер трактори на Дирекцијата, исто така и четири огнени тимови на дирекцијата со четири пинцгауери. Во текот на денешниот ден, повторно дејствуваат ер тракторите, како и специјалните тимови на Дирекцијата за зашита и спасување, како подрашка на пожарникарите од скопската бригада. Бидеќи пожарот се одвива на екстремно непристапен и стрмен терен, полн со густо жбуње, некаде и густи дрвја, неговото гасење е отежнато - појасни директорот на ДЗС.
Комплексна е состојбата и во општина Македонски Брод, во атарот на селото Драгов дол, вели Ангелов, каде огнот е активен веќе трет ден на карпест терен. Поради специфичноста на пределот, воздушната поддршка не ги дала очекуваните резултати, по што е активиран модулот на ДЗС за шумски пожари, составен од 25 доброволни пожарникари и петмина оперативци.
- Тие рано утрово започнаа искачување кон овие тешко пристапни предели, неколку часа подоцна дојда до местото на линијата на оган и има исклучително успешно дејствување врз поголем дел од еден крак. Останува оган уште во еден дол, оптимист сум дека денеска и утре овој пожар ќе биде целосно изгаснат - потенцираше Ангелов.
Покрај овие жаришта, активни пожари се бележат и во атарите на селата Старо Балдовци (општина Босилово), Маково (општина Новаци), Муждивњак (општина Крива Паланка), како и во Лозани (општина Могила), за кој директорот посочи дека постои опасност да прерасне во голем пожар.
Упатувајќи апел за максимална внимателност до граѓаните, Ангелов предупреди дека континуираната појава на нови пожари сериозно ги исцрпува институционалните капацитети.
- За жал, во текот на денешниот ден, повеќе од сигурно, ќе се појават и нови пожари, поради што, по којзнае кој пат, апелирам до сите граѓани да бидат исклучително внимателни. Бројката од педесет пожари ги исцрпува нашите ресурси, а секојдневната битка со десетици пожари, навистина е тешка да се извојува. Поради тоа, апелирам до сите граѓани да бидат исклучително внимателни, бидеќи доволна е само една искра да се случи вистинска катастрофа - заклучи Ангелов.
МИА
Ново на Сител
-

Турција, Пакистан и Саудиска Арабија формираат воено-политички механизми во рамките на новиот одбранбен пакт
-

13 лица повикани на информативен разговор поради ширење на лажни информации за водата во Скопје
-

Евакуации по морски пат од плажата во Сивири поради големиот пожар | ВИДЕО
-

Предметот против против Груби и уште седуммина за „Државна лотарија“ почнува на 24 август
-

Пожар на првиот крак на Халкидики – пораки од бројот 112 за евакуација на Сивири и Фурка
-

Нов топлотен бран во Европа: Над 340 милиони луѓе под влијание на температури над 30 степени
-

Вложуваме во заедницата кога е најпотребно: Flex Credit донираше 10 тони вода за вработените, клиентите и жителите на Гостивар
-

ЦУК: Девет активни пожари на отворен простор до 13 часот, два се под контрола, а два изгаснати
