Мицкоски: Ако поскапувањето на горивата продолжи, ќе се намали ДДВ-то
Владата има план Б ако поскапувањето на горивата продолжи. Војната на Блискиот Исток може да трае со години, што неминовно ќе влијае врз растот на цената на нафтата. Затоа, премиерот Мицкоски не ја исклучува можноста покрај намалената акциза, да се интервенира и во делот на ДДВ-то.
„Да, планираме, имаме јасна стратегија, имаме јасен план. Според нашите анализи ова ќе потрае, може да потрае и неколку години оваа состојба што се случува во Заливот, така што внимателно ги повлекуваме чекорите за да не ја нарушиме макроекономската стабилност во државата, а од друга страна да обезбедиме убедливо најевтини горива за граѓаните и за индустријата во Македонија“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Со вчерашното зголемување на цената на горивата, дизелот за прв пат, по 2022-та година, надмина 100 денари за литар. Сепак и со вакви цени, кај нас се точи најевтино горово во регионот. Има доволни количини за снабдување и на нашите, но и на аеродромите во соседството.
„И не воведовме забрана, неколку аеродроми во регионот се снабдуваат со реекспорт од Македонија, така што бидете спокојни. И со новото зголемување на цените на дериватите, дизел горивото во Македонија е за половина евро по литар поевтино од тоа во Албанија, за 35 евроценти е поевтино од тоа во Србија денеска, од 30 до 50 центи по литар е поевтино од сите држави во регионот, Грција, Хрватска, Словенија, БиХ, Црна Гора итн., без разлика дали станува збор за безоловниот бензин или за дизелот“.
Опозициската СДСМ пак критикува - цената на горивата расте, а Мицкоски не презема ништо. За само 6 месеци дизелот се продава за 43% поскапо, шти директно влиаје врз стандардот на граѓаните, но и врз земјоделието.
„Над 100 денари за литар дизел значи нов ценовен удар врз секое македонско семејство. Поскапото гориво значи поскап транспорт, поскапо производство и на крајот – поскапа храна. Во услови кога потрошувачката кошничка веќе достигна речиси 70.000 денари, а платите стагнираат, секој нов денар на лебот, млекото, зеленчукот и овошјето е директен удар врз семејната трпеза. Половина од семејниот буџет на македонските граѓани оди за храна и пијалаци. Овој ценовен бран затоа ќе биде уште потежок“, потенцираше Тренчевска.
На светските берзи, пак, денеска цената на нафтата се намали за околу 3%. Барел се продава под 90 долари.
-

Наташа Мерсовска
Сите содржини од овој новинар
