Македонија
27. August 2026 - 16:35

Почина 72 годишен скопјанец на Инфективна – шеста жртва со западно-нилска треска

Шести смртен случај со западно-нилска треска во земјата. По 15 дена борба за живот поради компликациите од вирусот, вчера на Инфективна починал 72-годишен маж од Скопје. Бил во многу тешка состојба и со повеќе коморбидитети.

-И покрај сите преземени интензивни мерки во одделот за интензивно лекување, во вчерашните попладневни часови настапи летален исход, изјави д-р Фадил Цана, директор на Клиника за инфективни болести. 

Во моментот на Инфективна има 18 пациенти од кои 15 се со потврден наод на западно нилска треска и со невроинвазивна форма на болеста. Петмина, сите повозрасни се на одделот за интензивно лекување во тешка форма и со повеќе други заболувања. Само за два месеци има 6 смртни случаи што е повеќе од петте починати во период од 2011 до 2025. Но лекарите велат не отстапуваме од светската статистика имајќи во предвид дека вирусот веќе го има на нашето поднебје. 

-Според сите статистички податоци што ги земаме, смртноста се зголемува како што е и возраста понапредна. Затоа што имаме тешки случаи не значи дека отстапуваме од другите земји туку сме во рамките на тие проценти ко исе научно потврдени, вели д-р Цана.

Угинат гавран во Ресен кај кој од Агенцијата за храна потврдиле дека има западно-нилска треска предвидува нови мерки и препораки од надлежните институции. Дивите птици се резервоари на вирусот а мрвата птица е доказ за локална трансмисија на вирусот. 

-Во моментот само ќе издадеме мерки за претпазливост во Ресен и кон матичните лекари и кон општината околу планирање и спроцедување на активностите. Ќе следиме како се развива ситуацијата и соодветно ќе реагираме, изјави Сашо Клековски, министер за здравсто. 

Покрај угинатиот гавран во Ресен, АХВ тестира уште две птици од скопското подрачје. Здравствените власти апелираат до граѓаните да пријавуваат ако има угинати гаврани бидејќи е стационарна птица и показател на локална циркулација на вирусот.