Македонија
31. August 2026 - 16:32

Гаши: Нема да дозволам злоупотреба на Деловникот да доведе до избори

Собранискиот спикер Африм Гаши повикува на разумност кај албанската опозиција и очекува на седницата во среда да не продолжат со блокада на работата на Парламентот преку бројни процедурални забелешки. Иако на координација со пратеничките групи немало таква најава, Гаши вели дека ако продолжи таквото однесување тоа ќе значи сериозна злоупотреба на Деловникот.                           

Но дециден е дека блокадата не смее да биде причина за предвремени парламентарни избори. Вели дека избори може да има само доколку 61 пратеник одлучат да го распуштат Собранието..

Јас сум поборник на идејата за редовни парламентарни избори и не треба злоупотреба на Деловникот да предизвика предвремени избори, но тоа е политичка одлука и затоа може да се решава и на друго ниво. Ако има политичка согласност од лидерите за избори тоа е прашање за друго ниво на одговорност, вели Гаши. Што се однесува на Собранието , не треба да дозволиме ниту пак јас ќе дозволам , злоупотреба на Деловник да предизвика предвремени парламентарни избори, вели Гаши.

Предупредува дека доколку процедуралните забелешки продолжат да се користат за блокирање на работата, тоа може да стане опасен преседан и за идните собраниски состави.

Ако продолжат блокадите Гаши вели дека ќе се почитува само Деловникот. По долгите седници само со процедурални забелешки пред одморите, побарал Комисијата за деловничко-мандатно имунитетни прашања да даде толкување на што се мисли кога се бара процедурална забелешка. 

Албанската опозиција предводен од ДУИ во јули ја блокираше расправата до дневниот ред на пленарните седници, откако не се пристапи кон гласање на Законите за правична застапеност и за високо образование за кои е потребно и бадентерово мнозинство.