Вишото Обвинителство ја врати истрагата за Мазутот во ТЕЦ Неготино - утврдени слабости во вештачењето
Пресврт во случајот Мазут. Вишото јавно обвинителство не ја прифати одлуката за запирање на постапката против Асмир Јахоски, Ратко Капушевски, Васко Ковачевски и останатите осомничени. Според повисокиот суд, првичниот обвинител од обвинителството за гонење организиран криминал ја засновал својата одлука за прекин врз слабо изведени вештачења. Поради тоа, вишото обвинителство наложи предметот повторно да се активира, а обвинителството за организиран криминал доби дополнителни упатства како да постапува.
Констатирајќи, пред се, слабости во изготвените вештачења на кои јавниот обвинител од ОЈО ГОКК ја темелел својата одлука да ја запре истрагата, Вишото јавно обвинителство Скопје побара да продолжи постапката во насока на утврдување на сите поединечни дејствија на осомничените, особено дали и кој презел директни дејствија или дејствија на помагање со кои правното лице ЕСМ, преку злоупотреба на наменски доделени средства од државниот буџет, а под превез на користење на повластена законска основа од член 23 од Законот за јавни набавки, овозможиле имотна корист од големи размери за еден од осомничените и неговото правно лице, соопштија од Обвинителството.
Пресвртот следи по приговор на АД Електрани на Македонија, чија жалба ја прифати Вишото обвинителство. Сега, под истрага за криминал при јавни набавки, злоупотреба на тендери и перење пари, повторно се наоѓаат 13 лица и една фирма.
Под лупа на обвинителите повеќе од една година беа набавките на гориво за ТЕЦ „Неготино“ за време на енергетската криза, зделки за кои постои сомнеж за наместени договори, анекси и перење пари, со кои државниот буџет бил оштетен за над 160 милиони евра. Во мај годинава обвинителката Катерина Коларевиќ ја замрзна постапката, тврдејќи пред новинарите дека собраните докази се преслаби за да издржат на суд.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
