Македонија
1. September 2026 - 16:41

Опаѓа бројот на заразени со западнонилска треска, двајца пациенти во критична состојба

Опаѓа бројот на заразени со западнонилска треска. Министерот за здравство вели дека изминатите 7 дена има 5 новозаразени што е двојно помалку во споредба со претходните недели. На Инфективна во моментов хоспитализирани се 19 лица од кои двајца се во многу тешка состјба и приклучени на респиратор.  

- Ако заболените од западно-нилска треска досега беа од јужниот дел на Скопје, сега новите случаи се од северниот и источниот дел од Скопје. Констатирана е трета заболена птица, гавран, кај Драмски театар, во Карпош. Сакам да апелирам до граѓаните да не пријавуваат распаднати птици бидејќи не можат да се извршат тестирања на такви птици. Сега ќе се фокусираме на мртвите птици надвор од Скопје, вели Клековски 

По порастот на заразени со морбили во Косово и Бугарија, Клековски апелираше родителите навремено да ги вакцинираат децата за да се спречи појава на епидемија. Опфатот на вакцинација со МРП во моментов е 62 отсто, што е далеку од посакуваниот опфат од 95% за да се обезбеди колективен имунитет. 

- Опфатот на вакцинација е релативно низок – 62 проценти, ова го кажуваат од Институтот за јавно здравје. Ова го кажувам бидејќи во моментот расте бројот на случаи со морбили во Косово и Бугарија. Имаме причина веќе да почнеме со ова алармирање и ќе се обидеме во наредните денови и недели преку повеќе активности да ги мотивираме граѓаните да ги вакцинираат децата против морбили, односно да се зголеми опфатот за да превенираме можна епидемија на морбили во државата, изјави денеска Клековски. 

Косово и Бугарија изминатиот месец спроведуваат засилена и вонредна вакцинација на деца кои ја пропуштиле МРП вакцината, откако во Бугарија беа регистрирани над 530 заразени со морбили, додека во Косово изминатите 4 месеци има над 150 потврдени случаи, што е двојно повеќе од вкупниот број на заразени за цела претходна година.