Македонија
2. September 2026 - 16:37

13-годишникот кој прободе врсник во срцето нема да одговара кривично

Тринесетгодишникот кој со нож тешко повреди врсник во крвавата тепачка во скопски Чаир нема да одговара кривично. Со него ќе работат социјалните служби.

30-дневен притвор доби единствено неговиот 19-годишен брат, осомничен за насилство. На барање на ОЈО Скопје, Кривичен му определи притвор по сите три основи - опасност од бегство, можност да влијае врз сведоците и опасност да го повтори делото.

Од обвинителството појаснуваат дека 13-годишникот кој според МВР со нож избоде три деца, не подлежи на кривична одговорност поради возраста.

-Осомничениот и неговиот малолетен брат кој е под законската граница за кривична одговорност преземале дејствија на насилство со кои на едно дете и на едно полнолетно лице им биле нанесени тешки телесни повреди со убоди од нож, а полесно било повредено уште едно дете. Во јавноста и кај присутните лица предизвикувале чувство на несигурност, загрозување, страв и вознемиреност, стои во соопштението на ОЈО Скопје

Според Кривичниот законик и Законот за правда за деца, против дете под 14 години не може да се води кривична постапка, ниту судија може да изрече воспитна мерка или упатување во поправен дом. 

Ако во текот на постапката се утврди дека детето е под 14 години во моментот на извршувањето на дејствието, постапката се запира, а за случајот се известува надлежниот центар за социјална работа. Потоа може да се применуваат мерки на помош и заштита, во зависност од процената на ризикот и најдобриот интерес на детето, но тие не претставуваат кривична казна или кривична санкција. 

Со убодна рана директно во срцето, 13-годишниокот кој беше тешко повреден во крвавата тепачка се уште е на интензивна нега и се бори за живот.

 Во инцидентот биле вклучени вкупно 5 лица, кои полицијата ги приведе, додека мотивите за крвавата тепачка се уште се непознати.