Македонија
4. September 2026 - 16:53

Еврокомесарката Кос најавува дека оваа есен ќе биде „есен на проширувањето“

ЕУ најавува „есен на проширувањето“, а според очекувањата на Брисел дел од земјите кандидатки би можеле да ги завршат преговорите до 2030. Брисел истовремено се подготвува за прием на нови членки, со реформи во начинот на одлучување и нови заштитни механизми за владеењето на правото.

Еврокомесарката Кос од Даблин пред почетокот на Советот за општи работи порача дека ќе се разговара за проширување, но потврди дека постои јаз меѓу земјите членки за постепената интеграција на кандидатите.

-Оваа есен ќе биде „есен на проширувањето“, во две насоки. Едната е подготовката на земјите кандидатки за членство, а другата е она што го правиме внатре во Европската Унија за да се подготвиме за тоа.  Ќе разговараме за тоа какви заштитни механизми, односно нова генерација заштитни механизми, би можеле да воведеме за да се осигуриме дека новите земји членки ќе можат да ја почитуваат демократијата и владеењето на правото откако ќе бидат внатре во ЕУ, во следните 5, 10 или 15 години. И четвртата точка  ќе биде постепената интеграција. Постои јаз и треба да го премостиме тој јаз меѓу геополитичката неопходност и принципот на заслуги, изјави Кос.

Европската Унија разгледува можност во одлучувањето да се премине од едногласност кон квалификувано мнозинство во одредени области, особено во надворешната и безбедносната политика.

Вицепремиерот и министер за европски прашања Сали кој ја претставува Македонија во Даблин вели дека земјата останува посветена на спроведување на реформите и ја поздрави визијата на еврокомесарката Кос за постепена интеграција.

-Процесот на проширување не е само политички избор, туку, би рекол, геополитичка и стратешка одлука, бидејќи за Европа е многу важно да има единство и стабилност на својот континент. Како Северна Македонија, целосно сме посветени на исполнување на сите потребни реформи од реформската агенда и сме целосно посветени на поддршка на сите земји кандидати во процесот на интеграција.Ја поддржуваме визијата на комесарот за постепена интеграција, која ќе ни овозможи како земји да обезбедиме конкретен напредок за нашите граѓани и бизниси. Северна Македонија ја избра Европа.

На 30 септември Европската комисија ќе ги претстави резултатите од прегледот за подготовката на Унијата за нови членки, а на 15 октомври Европскиот совет треба да разговара за проширувањето.