Македонија
4. September 2026 - 16:54

Не влечениот, туку лицето што влече е починатиот струмичанец - претходела тепачка

Не влечениот, туку лицето кое влече е починатиот 39-годишен струмичанец чие тело беше пронајдено во дворот на битолската болница, официјално потврдуваат од МВР за Сител. Претходно, во јавноста кружеа шпекулации дека лицето кое во безсознание е влечено по Широк сокак е всушност починатиот струмичанец, но МВР ја демантира оваа информација.

-Во врска со видео снимките од социјалните мрежи, ве информираме дека од страна на СВР Битола утврден е идентитетот на лицата кои се на снимката, при што за расчистување на настанот повикани се повеќе лица на службен разговор. Потенцираме дека споменатото починато лице Ј.И. во дворот на Клиничката болница Битола не е лицето кое на видео снимката е влечено од страна на друго лице, вели портпаролот на Министерство за внатрешни работи, Гоце Андреевски.

Инцидентот се случил ноќта помеѓу неделата и понеделникот. Тепачката е пријавена нешто пред 4 часот по полноќ. По тепачката струмичанецот се јавил на Ургентното одделение во болницата. Оттаму бил препратен да направи дополнителни снимки. Но, дали продолжил со испитувања или не, не открива никој зашто се уште се утврдува што правел во меѓувреме, со оглед на тоа што неговото тело е најдено нешто по 12 часот на пладне.

Телото е предадено на обдукција која ќе треба да ги открие причините за смртта. Неофицијално – срцев застој е причината, но се уште се утврдува дали тоа било предизвикано од некаков удар во тепачката.

Јавното обвинителство барем засега не објавува детали за случајот бидејќи оттаму велат дека досега од полицијата само усно биле известени дека починатиот струмичанец претходно бил на преглед во болница поради инцидент во центарот на градот.