Македонија
4. September 2026 - 19:53

И другите општини ќе учат од Прилеп како да селектираат отпад, Прилеп останува лидер во Македонија

Поради добрите практики на примарна селекција на отпад кои во Прилеп се изведуваат веќе 15 години градот останува неприкосновен лидер во Македонија каде 49% од населението ја врши оваа селекција. Токму поради тоа и другите општи започнаа да доаѓаат во Прилеп и да ги учат методите како да го постигнат тоа.

Претставници на општините Гази Баба, Ѓорче Петров, Илинден и Струмица, се запознаа со процесите примарната и секундарната селекција која наскоро треба да започне.

„Затоа дојдовме овде во Прилеп, како лидер во Македонија, да видиме на кој начин тие се справуваат со таа примарна селекција на отпад за која и сите ние јавни комунални претпријатија кои денес сме овде сме заинтересирани“, изјави Кире Синдраковски, директор на ЈКП „Комуналец“ – Струмица.

Прилеп наскоро ја добива и првата фабрика за секундарна селекција на отпад,со што значително ќе се намалат трошоците на граѓаните и општината за во иднина за одлагање на отпад во Регионалната депонија во Новаци.

„Фабриката би имала капацитет од 10 тони на час да преработува отпад, што значи општина Прилеп и граѓаните ќе плаќаат минимални надоместоци во идниот проект, односно одлагањето на остатокот од отпадот кој не може да биде исселектиран“, кажа Дејан Проданоски, градоначалник на Прилеп.

„На јавното претпријатие беа доделени 9 специјални возила за отпад, од нив 4 се пристигнати, доделени се 8.318 канти за домаќинства, 126 контејнери од 1.1 метар кубен“, додаде Љубиша Јованоски, директор на ЈКП „Комуналец“ – Прилеп.

Исто така Прилеп ја изготвува проетната документација за изградба на компостара кај депонијата Алинци.