Мицкоски задоволен од растот на економијата - СДСМ обвинува за историско задолжување
СДСМ обвинува за историско задолжување, премиерот Мицкоски пак е задоволен од високиот раст на економијата. Власта и опозицијата и денеска ги спротивставија ставовите за состојбата со македонската економија и државните финансии.
Растот на БДП за 4,3% во второто тримесечје според премиерот ја позиционира Македонија меѓу европските држави со најдобри економски резултати. Ова е особено важно, вели Мицкоски со оглед на економската и енергетска криза.
2024 година ја завршивме со раст на бруто-домашниот производ од отприлика 3%, 2025 година 3,5%, оваа година во првата половина сме 3,7%, очекуваме годината да ја завршиме меѓу 3,5 и 4% во услови кога ја имаме во светот најголемата енергетска криза којашто ја памети човештвото, војната во Украина, но и сѐ поголемата економска криза во Европа и тоа мислам дека претставува навистина добар и позитивен резултат – изјави Мицкоски.
Со новиот заем од 1,3 милијарди евра, според СДСМ, Македонија ќе достигне историски највисоко задолжување од 65% од БДП. опозицијата обвинува дека власта ја крие реалната состојба на буџетот.
Ако било задолжувањето од 1,3 милијадри евра за 2027 година, како што вели Мицкоски зошто брзала владата да одлучува 5 месеци порано? И клучно, зошто не ја соопштија таа одлука во јавноста туку ја сокрија? Одговорот е едноставен: пари нема. Касата е празна. Владата не може да ја затвори ниту оваа фискална година без нови долгови. 2.Изјавата на Мицкоски дека долгот од 350 милиони евра на ЈПДП не влегува во јавен долг е чиста лага, очаен обид да се спаси од одговорност за кршење закон. Законот за јавен долг е сосема јасен: во јавен долг влегува и гарантираниот долг на јавните претпријатија и акционерските друштва основани од државата. Мицкоски и Кочовска го фингираат јавниот долг, спротивно на законот – а за тоа следува кривична одговорност“, посочи Симона Цветановски – членка на ИО на СДСМ
Уште еден доказ за подобрување на економската состојба во државата, според премиерот Мицкоски е што за прв пат по подолг период извозот расте побрзо од увозот и со тоа се намалува трговскиот дефицит. државна статистика вчера објави дека во првите седум месеци од годината извозот порасна за 8,4%, а увозот за 7,8%, резултати што според премиерот се над очекувањата.
-

Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар
