Панел дискусија: 8 Септември низ призма на неговите непосредни учесници и сведоци на Вила Водно
Генерацијата пред 35 години успеа да создаде независна држава, но градењето функционална држава во многу области се уште е незавршена работа. Ова е главната порака од денешната панел дискусија во Вила Водно, која се организираше во пресрет на утрешниот роденден на Македонија.
Претседателката потсети на Асномскиот завет во кој се посочува – каква држава ќе создадеме, таква држава ќе имаме. Таа додаде дела држава не се гради само со демократските избори и со конституирањето на институциите, туку со градење на нивната функционалност.
„Според еден научник, може за шест дена да скицирате устав, може за шест месеци да зацртате либерална економија, ама ви требаат шеесет години да изградите функционална демократија. Таа не се гради само со демократските избори и со конституирањето на институциите, туку со градење на функционални институции, со одбрана и заштита на човековите права и со почитување на највисоките стандарди, не само на домашното туку и на меѓународното право“, изјави претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
На панел дискусијата учествуваа првите парламентарци кои порачаа дека правата и лојалноста се секогаш клучни за стабилноста и просперитетот на една земја.
„Нашата држава е створена со големи желби на една генерација, да има самостојна, независна држава во која сите граѓани ќе бидат рамноправни. Ќе имаме фунцкионална држава, ќе имаме заштита на правата и слободата на граѓаните.
Во тој концепт е направен и уставот на Република Македонија“, изјави поранешниот пратеник Туше Гошев.
„Јас се гордеам со овие херои на независноста што денес се овде заедно со нас, како и со сите, за жал, покојни и живи што не се меѓу нас, и им благодарам за она што го направија за Македонија. Гледајќи ја реалната опасност од распаѓање во тие тешки моменти, ние уште првиот и вториот ден донесовме Декларација за независност на Република Македонија“, изјави поранешниот пратеник Ламбе Арнаутов.
Во рамките на дискусијата, поранешниот пратеник, министер и гувернер Петар Гошев се осврна на историското значење на празниците, нагласувајќи дека македонската државност темелите ги има во АСНОМ.
„Се случува 8 Септември 1991 година да биде претставуван како поважен од 2 Август 1944 година. Зошто? Затоа што македонската држава постои од АСНОМ. Тој празник е број еден, без разлика дали јас или некој друг учествувал во настаните што следеле подоцна. Македонија се конституира како држава со АСНОМ и со победата над фашизмот“, изјави Петар Гошев, поранешен пратеник.
Меѓу повеќето настани кои денеска ги организираше претседателката, беше и приемот на учениците кои минатата учебна година учествувале на меѓународни натпревари. Дел од овие ученици се и добитници на медали и високи признанија по што добија честитки и од министерката за образование и наука.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар
