Гаши останува на своето - не го повлекува ставот за ОВК и покрај реакциите
Собранискиот спикер Африм Гаши нема да ја повлече јавната објава во која ја брани улогата на ОВК, по прогласувањето на водачите на некогашната формација за воени злосторници од Хашкиот трибунал. По реакциите во јавноста за позициите кои ги изнесе како висок државен функционер, Гаши вели дека функцијата која ја извршува не значи дека не може да го искаже ставот како поединец.
„Како претседател на Собранието, јасно ја знам мојата улога и целосно ја почитувам институционалната одговорност што ја носи оваа функција....Но, институционалната функција не го поништува моето право, како политичар и како поединец, да го изразам својот став за едно значајно поглавје од историјата на мојот народ и за луѓе кои имаат особено значење во неа. Важно е овие две улоги да не се мешаат. Мојот став беше јасен и одмерен. Немам причина ниту да го повторувам, ниту да го повлекувам. Не очекувам сите да се согласат со него, но очекувам да се почитува моето право да го изразам“, вели Гаши.
Неговиот статус на социјалните мрежи СДСМ го оцени како несоодветен. Од партијата велат дека судските одлуки не смеат да се толкуваат низ етничка или политичка призма и дека законот мора да важи еднакво за сите.
„Реакциите на претседателот на Собранието, Африм Гаши се крајно несоодветни, тој извршува државна функција, претседател на Собранието и е претставник на држава што сака да биде дел од ЕУ. Не може двојни аршини. Ова не е пресуда против албанскиот народ. Не е пресуда против правото на Косово на слобода. Судот суди поединци. Кој денеска ја претвора пресудата во етничка лекција, прави иста грешка како оној што злосторството го крие зад некое знаме.“
ЛДП пак бара да престане релативизација на воените злосторства. Не постои колективна одговорност и ниту една пресуда на кој било меѓународен или домашен суд не може и не смее да му се препише на цел народ, заедница или етничка група, реагираат од партијата.
„Опасно е за правната држава кога високи носители на власта ги оспоруваат судските пресуди — независно дали станува збор за функционери кои го величаа осуденикот Младиќ, или за функционери кои ја релативизираат пресудата за осудениците во Косово. Носителите на државни функции мора да покажат дека намерата им е да изградат правичен и функционален систем по европски терк, заснован на институционална зрелост, и да го почитуваат правото и фактите, наместо да подгреваат тензии за собирање политички поени.“
Европскиот сојуз пак веруваат во поинаква одлука по жалба на пресудата...
Ахмети, Сали, Гаши, лидерите на ВРЕДИ јавно ја оценија одлуката како неправедна и разочарувачка.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар
