Горивата и неделава ќе се точат по исти цени
И неделава ќе точиме гориво по стари цени. Регулаторната комисија одлучи да не ги менува малопродажните цени на бензините и дизелот.
Еуросупер БС-95 и натаму ќе се продава за 98,5 денари за литар, 98-ката за 100,5 денари, а дизелот за 97 денари за литар.
„Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување и тоа во просек: кај бензините за 1,5%, а кај дизелот за 1,4%. Курсот на денарот во однос на доларот е повисок за 1,2%“, велат од РКЕ.
Во сила се владините мерки за намалени акцизи за 4 денари кај бензините и дизелот, како и ДДВ од 10% кај дизелот. Во меѓувреме, цената на нафтата на светските берзи падна. „Брент“ се продава за околу 104 долари за барел.
Падот следува по најавите за дополнителни испораки на руски дизел. Русија планира до крајот на годината да го зголеми извозот на 3 до 3 и пол милиони тони месечно. Но, аналитичарите се сомневаат дека ќе може да ги исполни овие планови поради проблемите во своите рафинерии.
ОПЕК, пак, ја намали прогнозата за растот на светската побарувачка на нафта за годинава.
„Сега гледаме раст на побарувачката оваа година од 400.000 барели на ден, за разлика од почетокот на годината кога предвидувавме 1,4 милиони барели на ден. Сепак, оваа побарувачка, да бидеме фер, е одложена за 2027 година, за кога веруваме дека ќе има акумулирана побарувачка. Сега го проценуваме тој раст за 2027 година на ниво од 1,7 милиони барели на ден“, изјави генералниот секретар на ОПЕК, Хајтам Ал Гаис.
Од друга страна, нападите врз танкерите и енергетската инфраструктура на Блискиот Исток и понатаму го загрозуваат снабдувањето, а повисоките трошоци за транспорт и осигурување дополнително го отежнуваат превозот на нафтата.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
