Монтеко со две платинести и една сребрена награда во Белград
Две платинести и една сребрена награда за винаријата Монтеко на меѓународниот вински натпревар Wine Vision by Open Balkan, одржан во Белград. Највисоките признанија, платинестите медали, ги освоија вината Темјаника и Мерло, додека сребрен медал доби црвеното вино Volcano од бербата 2024 година. Овој успех е продолжение на низата меѓународни признанија за Монтеко, чии вина на винските манифестации на кои досега учествувала освојувале највисоки награди.
„Тоа е многу значајно за нас како винарија. Да не кажам дека само се потврдува квалитетот што го градиме и нашето реноме. Секако дека ова придонесува и за подобар извоз на нашите вина“, изјави Ѓорѓи Начевски, супервизор во Монтеко.
Сместена во кратовскиот регион, винаријата Монтеко произведува вина од грозје одгледувано на почви со вулканско потекло, на надморска височина од околу 700 метри. Специфичниот тероар, внимателното одгледување на лозјата и примената на современи технологии во производството се основата врз која Монтеко ја гради својата препознатливост како производител на премиум вина.
„Значително нè разликува од Тиквешкиот Регион, каде што е доста топло и каде што ретко може да се добијат добри бели вина, а во последно време и црвени вина. Премногу е топло, а кога има топлина, грозјето има висока содржина на шеќер, па вината содржат повеќе алкохол и се потешки за пиење. Нашиот регион, Кратовскиот, досега не беше толку издвоен и препознаен, но сè повеќе доаѓа до израз. Пред сè, на таа надморска височина има многу помалку болести кај лозјата, а грозјето има изразени вински киселини, што ги прави вината посвежи и попитки“, кажа Начевски.
Со освоените највисоки признанија во Белград, Монтеко го продолжува своето успешно претставување на меѓународната винска сцена. Наградите се значајно признание не само за винаријата, туку и за потенцијалот на кратовскиот вински регион, кој сè појасно го истакнува своето место на винската карта на Македонија. За Монтеко, овие успеси претставуваат дополнителен поттик за развој на премиум вината и освојување нови меѓународни пазари.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
