Пола милион за две фирми преку спорни тендери во УХМР, кривична за екс директорот
Преку спорни тендери и лажни фактури, поранешното раководство на Управата за хидрометоролошки работи, на две фирми од Скопје и Битола во 2023 година, им донело незаконски приход од скоро половина милион евра. Според полицијата, клучна улога во случајот имал екс в.д директорот на УХМР, Ивица Тодоровски, а како соизвршители се уште седуммина вработени во Управата – за сите се поднесени кривични пријави за злоупотреба на положбата. Во пријавата, МВР наведува дека поранешниот директор на УХМР за иста работа распишал два одделни тендери, ги изменил спецификациите за јавната набавка, а изборот на фирмите го направил без записник од доставените понуди. Така според полицијата, Тодоровски ги прекршил законот за јавни набавки, но и правилата на Светската метеоролошка организација.
„Истиот бил должен да увиди дека постапката не е спроведена согласно Етичкиот кодекс на СМО, дека понудувачите не ги исполнуваат условите, како и дека за сите ставки од техничката спецификација нема понудено цени, а критериум за избор бил „најниска цена“, донел Одлука за избор на најповолен понудувач и во име на УХМР Скопје со правното лице од Скопје склучил договор за набавка на услуги, со што му овозможил на правното лице да се стекне со противправна имотна корист од вкупно 29.244.786 денари“, изјави Гоце Андреевски, Портпарол на МВР.
Според МВР, директорот на ист начин донел и втора одлука за избор на битолска фирма за набавка за печатење промотивен работен материјал и ситен инвентар со што и овозможил имотна корист од околу 12 илјади евра.
За реализација на двата спорни тендери, освен екс директорот на УХМР, вклучени биле уште членовите на комисијата за јавни набавки, контролор од секторот финансии и други вработени во Управата. За нив полицијата тврди дека изработиле лажни фактури за кои немало докази дека се реализирани услугите предвидени во јавната набавка.
Кривични пријави се поднесени и за фирмите во кои незаконски завршила сумата од 500 илјади евра.
Претходно, неправилности во финансиското работење на УХМР, детектираше и Државниот завод за ревизија. Неговата проверка покажала дека во 2023 година, Управата за хидрометеоролошки работи прикажала нереални извештаи за финансиското работење.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
