Македонија
18. October 2026 - 16:42

Се укинуваат 33 учебници за основно, експертите сметаат дека е потребна сериозна промена и кај кадарот

33 учебници за основно образование ќе бидат повлечени. По 8 учебници за  прво, второ и петто одделение и 9 за четврто одделение кои излегуваат од употреба. Главна причина поради која Националната комисија за учебници ја носи одлуката е слабиот квалитет на содржините поради кои учениците беа со лоши резултати на меѓународното ПИСА тестирање.

Меѓу нив се учебниците по македонски, албански, турски, српски и босански јазик, математика, природни науки, општество и историја. Главната причина за повлекувањето на учебниците се лошите резултати на македонските ученици на ПИСА тестирањата, а одлуката на 9ти октомври ја донесе Националната комисија за учебници во МОН.

- Констатирана е потреба од перманентно унапредување на квалитетот, актуелноста и функционалноста на наставните содржини, развој на критичкото и креативното мислење кај учениците, како и распишување нов конкурс за изработка на учебници кои во целост ќе одговараат на современите образовни стандарди. 

Од ПИСА тестирањето од 2025 на кое учествувале 6 977ученици резултатите покажаа дека учениците и натаму остануваат под просекот на ОЕЦД по математика, читање и природни науки. 

Образовните експерти сметаат дека суштинската реформа треба да се прави во образовниот кадар, пред се сериозна евалуација на актуелните наставници, но и во високото образование каде се подготвува новиот кадар.

Само учебници не се доволни за учениците да стекнат знаење и да покажат квалитет, начинот на кој го учат материјалот, методите и умешноста да ја вклучат логиката и во иднина да го применат знаењето е резултат на способноста на наставничкиот и педагошкиот кадар во училиштата.  

Голем предизвик се и новите технологии и глобализацијата, покрај суштинските промени во квалитетот на учебниците и кадарот, мора да се внимава да се биде во чекор и со новото време кое дополнително влијае врз крајните резултати на учениците. 

Иако решенијата за повлекување се веќе донесени, учениците нема веднаш да останат без книги. Учениците ќе ги користат и оваа учебна година а од следната ќе добијат нови, за кои веќе е објавен конкурс за автори кои ќе ги подготват подобрените материјали според постоечките наставни програми.

Покрај ова МОН паралелно спорведува и други реформи, се обезбедуваат нови учебници за деветто одделение, се заменуваат материјалите во средното гимназиско образование а обезбедени се нови учебници по сите странски јазици за сите девет одделенија во основно.