Македонија
19. October 2026 - 16:35

Мицкоски најави 8 денари помош за килограм откупена арпа

Жетвата на оризот во Кочанско е во полн ек, но ниската откупна цена на оризовата арпа го зголемува незадоволството кај производителите. На откупните пунктови се нудат од 16 до 20 денари за килограм, додека оризарите бараат цена од најмалку 35 денари за покривање на производните трошоци. Премиерот Христијан Мицкоски денеска од општина Чешиново-Облешево најави директна финансиска поддршка од Владата. 

-Да, ние планираме директна поддршка од околу осум денари по килограм предадена оризова арпа за периодот од 1 септември минатата година до 15 септември оваа година. Дел од средствата веќе се обезбедени во интервентниот фонд на Министерството, а дел ќе бидат обезбедени со ребалансот на буџетот. Тоа се од прилика 100 милиони денари кои ги обезбедува Владата, изјави Христијан Мицкоски, премиер.

Тој посочи дека средствата треба да бидат исплатени до крајот на годината, по завршувањето на постапката и усвојувањето на ребалансот во Собранието. Воедно, испрати порака и до откупувачите да се однесуваат коректно кон производителите.

-Треба да се однесуваат фер, како што и Владата се однесувала фер, но и како што граѓаните и оризопроизводителите се однесувале фер кон нив. Ова е двонасочна улица. Не би сакале да веруваме во шпекулативно однесување на поединци, затоа што тоа ќе биде ригорозно казнето, порача премиерот.

Годинава во Кочанскиот регион се засеани околу 4.000 хектари со ориз. Според првичните проценки објавени на почетокот на жетвата, се очекува производство од околу 16.000 тони бел ориз, од кои 9.000 тони би биле наменети за извоз, а 7.000 тони за домашниот пазар.