АХВ продолжува со вонредните инспекциски контроли на зелените пазари - запленети уште 5 тони небезбедна храна
Пет тони небезбедни производи заплениле инспекторите на АХВ минатата недела на скопскиот Зелен пазар и пазарот во Ѓорче Петров. Станува збор за овошје, зеленчук, слатки производи и друга храна без потекло кои ги продавале препродавачи надвор од организираните пазарни простории.
-Со што директно ја загрозуваат безбедноста на потрошувачите, но и ја нарушуваат конкуренцијата на пазарот, на штета на примарните земјоделски производители и легалните трговци. Контролите се спроведуваат во координација со комуналната инспекција на Град Скопје, Министерството за внатрешни работи и Државниот пазарен инспекторат, со цел спречување на нелегалната трговија и обезбедување законски услови за продажба на храна, изјави Оливер Миланов, директор на Агенцијата за храна и ветеринарство.
Претходно беа запленети 2 тони небезбедни овошје и зеленчук и на пазарот во Ченто. Од АХВ најавија дека ќе продолжат со спроведување на засилените контроли и во наредниот период, на различни локации во Скопје и низ Македонија, со цел заштита на здравјето на потрошувачите, спречување на прометот со небезбедна храна и создавање фер услови за работа на легалните трговци и примарните земјоделски производители.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
