Македонија
19. October 2026 - 16:36

Нови цени на горивата

Бензините поевтинуваат за два и пол, дизелот поскапува за два денари. Регулаторната комисија ги објави новите цени на горивата. Од полноќ, литар бензин Еуросупер БС-95 ќе чини 96 денари, 98-октанскиот 98 денари, а дизелот ќе се точи за 99 денари.

Во одлуката на РКЕ е применета владината одлука за ДДВ од 10% кај дизелот, како и намалени акцизи за 4 денари и на бензините и на дизелот.

Паралелно, Владата повторно преговара со најголемиот снабдувач за попуст кај дизелот, што ќе донесе дополнително намалување на ценaта.

„Продолжуваат преговорите со снабдувачот ОКТА за дополнителен попуст. Мислам дека сме блиску до постигнување решение за дополнителни два денари по литар, барем кај дизелот“, изјави Мицкоски.

Мицкоски рече дека Владата ќе продолжи со политиката за заштита на граѓаните од високите цени на горивата. Според него, Македонија има едни од најниските цени на дизелот и бензинот во Европа, додека во некои земји тие надминуваат три евра за литар.

Оцени дека светот се соочува со сериозна енергетска криза, но увери дека се обезбедени доволни количества гориво за домашниот пазар. Очекува и следната година да помине без поголеми турбуленции, иако, како што рече, одредени предизвици ќе има.

„Сложена е состојбата, за жал, во светот. Јас често знам да кажам дека се наоѓаме во екот на најголемата енергетска криза што човештвото ја памети. Се наоѓаме на линијата на фронтот на невидливата, би рекол, условно кажано и тивка трета светска војна“, кажа премиерот.

Инаку Собранието денеска ја продолжи кризната состојба за нафта и нафтени деривати до 20 април 2027. Ова е трето продолжување и се прави за Владата да може полесно да носи мерки за справување со енергетската криза.