Правосуден испит на албански или нови протести
Студентите албанци не отстапуваат од намерата правосудниот испит да го полагаат на албански јазик. Денеска министерот за правда им предложи теоретскиот дел да го полагаат на мајчин јазик, а практичниот дел од правосдуниот испит, на македонски, но по двочасовната средба излегоа со тврдење дека тоа за нив е неприфатливо. Ако не полагаат на албански јазик, повторно ќе излезеле на протест.
Министерот за правда вели дека ќе продолжат разговорите и како што вели Шасивари, целта е да се постигне решение со највисоки европски правни стандарди. Ќе се бара мислење и од Венецијанската комисија.
Предлогот на Шасивари, опозициската ДУИ го оцени како скандалозен. Тврдат дека полагањето на албански било доволено со Уставот и законот за употреба на јазиците.
„Наместо да бара доследна примена на законот и почитување на Уставот, тој им порачува на студентите: „Ајде да се договориме да го прекршиме Законот за употреба на јазиците, да го прекршиме Уставот и испитот да го полагаме малку на албански, а малку на македонски јазик““, велат од ДУИ.
Албанските студенти по право, претходно организираа и протести со барање да им се овозможи полагање на правосудниот на албански. Инспекторатот за употреба на јазиците правеше и контрола во правда за проверка на документацијата поврзана со спроведувањето на правосудниот испит.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
