ДИК со првични официјални резултати: Радичевски од ВМРО-ДПМНЕ прв со 2945 гласови, втор Јахиј од НАИ со 2152 гласа
Жителите на Брвеница на втор круг гласање ќе одлучат кој ќе ја води општината. Државната изборна комисија ги објави првичните официјални резултати , по вчерашниот прв круг гласање во Брвеница.
Од шесте кандидати кои влегоа во изборната трка според ДИК во втор круг влегуваат кандидатот од коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО ДПМНЕ, Стојанчо Радичевски со освоени 38,89 % од гласовите и кандидатот на Националната алијанса за интеграција, Аркин Јахиј со 28,4 отсто од гласовите.
-Државната изборна комисија врз основа на податоците од доставените записници од избирачките одбори и од ОИК утврди дека од запишаните 16.256 гласачи во заклучениот избирачки список на денот на изборите, вчера во Брвеница гласале 7572 избирачи, односно 46, 58 проценти. Според пресметаните и утврдени резултати, утврдивме дека најмногу гласови има Стојанчо Радичевски од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија со освоени вкупно 2945 гласови или 38,89 проценти. Втор е кандидатот Аркин Јахиј од НАИ кој освоил 2152 гласови или 28,42 проценти , рече на денешната прес-конференција потпретседателот на ДИК.
По сумирањето на гласовите почнуваат да течат и роковите за приговори. Партиите имаат право во следните 48 часа да реагираат докулку имаат забелешки за постапката на гласањето и за сумирањето на гласовите. За валидни ќе се сметаат само приговорите доставени до архивата на ДИК.
Согласно роковникот, конечните резултати ќе бидат објавени веднаш или најдоцна во рок од 24 часа по завршувањето на целата постапка по приговорите. Според законот, првите двајца пласирани одат во втор круг на избори, кој треба да се одржи за две недели.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар
