Секое дете во Германија ќе добива по десет евра месечно за пензиска заштеда

Германија воведува нова шема за поттикнување на приватното пензиско штедење.
Државата ќе му уплаќа на секое дете по десет евра месечно, а средствата ќе се инвестираат на пазарот на капитал за долгорочно да се зголеми нивната вредност.
Право на државна поддршка ќе имаат децата родени во 2020 година и подоцна. Уплатите ќе почнуваат кога ќе наполнат шест години и ќе продолжат до нивниот 18-ти роденден.
Така, за секое дете во текот на 12 години ќе бидат уплатени вкупно 1.440 евра. Условите за добивање на средствата се живеалиште во Германија и даночен идентификациски број.
Според пресметките на германското Министерство за финансии, при претпоставен просечен годишен принос од седум проценти, заштедата до полнолетството би можела да достигне околу 2.200 евра.
Доколку парите потоа останат вложени до 65-годишна возраст, без дополнителни уплати, износот би можел да надмине 53 илјади евра.
Сепак, станува збор за проекции, а не за загарантиран принос. Пресметките не ги вклучуваат идната инфлација и даноците, а конечната вредност ќе зависи од движењата на пазарот на капитал.
Родителите ќе можат да отворат индивидуална сметка кај лиценциран приватен давател на финансиски услуги, на која државата ќе ги уплаќа средствата на име на детето.
За државните уплати нема да смеат да се наплатуваат трошоци за склучување договор и дистрибуција. Родителите ќе можат и дополнително да уплаќаат до 6.840 евра годишно.
Ако родителите не отворат индивидуална сметка, средствата автоматски ќе бидат насочени во посебен државен фонд.
Парите во него ќе се вложуваат само во широко диверзифицирани глобални акции или акциски фондови.
Средствата ќе бидат достапни за пензија, но и за купување дом.
Заштедата е наменета за пензија и нема да може да се заложи, продаде или да биде предмет на присилна наплата.
Исплатата, според основното правило, ќе почнува на 65-годишна возраст.
Исклучок е можноста по полнолетството средствата да се искористат за купување сопствен станбен простор.
Ако детето почине пред да наполни 18 години, заштедените пари и остварениот принос ќе може да ги наследи неговото семејство, наместо да ѝ бидат вратени на државата.
Лицата чии средства се вложени во државниот фонд ќе можат до наполнување на 35 години да побараат нивно префрлање во приватен пензиски договор.
Ако не го сторат тоа, средствата ќе се вратат во сојузниот буџет.
Државните уплати и добивката од вложувањата ќе бидат ослободени од данок во периодот на штедење. Данок ќе се плаќа при исплатата на пензијата.
Германија за спроведување на програмата во првата година ќе издвои околу 200 милиони евра. Со вклучувањето нови генерации деца, годишните трошоци до 2030 година се очекува да достигнат 411 милиони евра.
За периодот од 2027 до 2030 година, вкупните буџетски издвојувања за мерката би изнесувале околу 1,2 милијарди евра.
МИА
Ново на Сител
-

Мицкоски: Високо образование на мајчин јазик е неспорно, македонскиот е официјален јазик во правосудниот систем
-

Роналдо доби казна од 255 евра - пари кои тој ги заработува за само 39 секунди
-

Трамп: Ѝ дадовме многу на Украина, тие нам ништо не ни дадоа
-

Рама најавува нови мерки: Пониска возраст за кривична одговорност и забрана на социјалните мрежи за деца под 16 години
-

Apple чекал 15 години за првиот преклопен iPhone: „Не сакавме да направиме евтин и неквалитетен телефон“
-

Македонскиот крем – де ла крем со предновогодишен концертен спектакл: Сузана, Наум, Миле и Баже со нивните гости во кафеанска ноќ за паметење!
-

Приведена жена од ресенско, управувала возило со брзина од 142км/ч на место каде дозволената брзина е 50км/ч
-

Обвинителите бараат Уставниот суд итно да го разгледа намалувањето на коефициентите за пресметка на платите во ЈО
