Македонија
20. October 2026 - 16:27

Oдложено рочиштето за Државна лотарија поради отсуство на сведокот на обвинителството

Наместо нови сведочења, се одложи судењето за Државна лотарија. Денешното рочиште не се одржа поради отсуство на сведокот на обвинителството. Обвинителите велат дека биле усно известени дека сведокот поради службено патување, нема да може да присуствува.

Неговото отсуство доаѓа по моментот кога првиот беше прогласен за непријателски бидејки во судница рече дека не знае дали Груби и Бајрами се познавале, дали се пријатели и дали се среќавале. Јавното обвинителство ги истражува и причините за промената на исказот на сведокот и дали има евентуално надворешно влијание. И покрај промените обвинителство не гледа проблеми во случајот. 

Груби денеска пристигна во Кривичен за првпат без лисици, бидејќи му беше укинат куќниот притвор поради истекот на максималниот законски рок, но за него се уште има мерки на претпазливост.  

Заедно со екс директорот на Лотарија Перпарим Бајрами, екс генералниот секретар на Владата Димовски и петмина други, се осомничени за злоупотреба на службената положба, бидејќи според обвинениетото во 2023 и 2024 година нанеле штета на буџетот за над 600 милиони денари со набавка на ВЛТ апарати.

И додека се чека разврска на овој случај, ревизорите утврдиле нови неправилности во работењето на друштва за приредување игри на среќа кои се поврзани со Државна лотарија. 

Со извршената ревизија кај пет друштва за приредување интернет и електронски игри на среќа во кои Државна лотарија на Република Северна Македонија учествува со 51% во основната главнина утврдени се неусогласености во уплатата на паричните влогови, долгорочни договори во делот на набавките, недостатоци во документирањето и користењето на дел од средствата, како и слабости во правна регулаторната рамка и контролата на приредувањето интернет и електронски игри на среќа, стои во ревизорскиот извештај. 

Надлежните укажуваат дека дел од утврдените состојби бараат преземање соодветни мерки за подобрување на работењето, поголема транспарентност и зајакнување на механизмите за контрола.