Македонија
20. October 2026 - 16:27

Нови 100 амбулантни возила за цела Македонија

Најмногу нови возила ќе добијат Службите за итна медицинска помош кои имаат поголем број на интервенции, транспорти и покриваат територија со повеќе жители. По овие критериуми ќе бидат распределени 100-те нови амбулантни возила за цела Македонија. Комбињата се комплетно опремени со потребната медицинска опрема. Според најавите од здравствените власти 60 од нив ќе бидат наменети за зголемување на капацитите на Брзата помош, а останатите за замена на дотраените. Но, сериозен предизвик речиси за сите Установи во државата е недостигот на тимови од доктор, сестра и возач.

- Во моментот возачите се најтесното крило од сите. Врз основа на овие анализи, кои се подготвени во Министерството за здравство, ќе комуницираме со соодветните здравствени институции и со Министерството за финансии за обезбедување согласности - одговори тој на новинарско прашање, изјави Сашо Клековски, министер за здравство.

Премиерот најави за идната година набавка на дополнителни 50 нови амбулантни возила.

- Многу работи се запоставени, многу работи се уништени, многу работи се украдени. Но, она што е задача на оваа Влада - е тоа што е уништено, тоа што е запоставено, тоа што е украдено - да го надомести. Има уште многу проблеми за решавање - не е сѐ решено со овие 100 возила, се разбира, можеби е помалку или повеќе олеснета состојбата, но не е сѐ решено. Но, она што е значајно е дека приоритет по приоритет, проблем по проблем, се решаваат во овие 27-28 месеци, изјави Христијан Мицкоски, Премиер.

Во меѓувреме здравствените власти спроведуваат промени во Итната медицинска помош. Првиот чекор е одвојување на скопската служба од Здравствен дом, со намера да продолжи и на национално ниво. 

Една од реформите е и воведување на парамедици во тимовите за Брза помош, со што лекарите би биле фокусирани само на потешките случаи.