Македонија
21. October 2026 - 16:51

Уставен ја отфрли иницијативата на СДСМ за Резолуцијата за мигрантите

Уставниот суд едногласно ја отфрли иницијативата на СДСМ со која се бараше да се укине Резолуцијата која ја усвои Собранието, а со која се осудуваа т.н манипулации на опозицијата и потврда на политиките против нелегалната миграција.

Дебатата го покрена и прашањето дали судот е надлежен да одлучува по резолуциите донесени во законодавниот дом.

Судиите оценуваат дека од содржината на Резолуцијата парламентот зазема политички ставови, без да воспоставува правни норми.

СДСМ ја оспори резолуцијата на мнозинството што Собранието ја усвои лани во декември, со која беа отфрлени тврдењата за договорено прифаќање мигранти и изградба на мигрантски кампови, по склучениот стратешки договор со Велика Британија.

Одлуката на Уставен ја поврзуваат со најавите на Николовски и Мицкоски за носење десетици илјади странски „економски работници“.

Обвинуваат дека временското совпаѓање не е случајно.

- Два дена по најавата на Николовски и еден ден по најавата на Мицкоски гледаме одлука на Уставниот суд со која се отфрла иницијативата на СДСМ за неуставната Резолуција со која и се забранува на опозицијата да говори за мигранти, односно за „економски работници“.

Формулациите со кои се осудува опозицискиот наратив беа главниот аргумент на СДСМ пред Уставниот суд.

Резолуцијата спред мнозинството е потврда дека нема да дозволи мигрантски кампови или трајно сместување мигранти во земјава.