За два дена над 800 граѓани од ризичните групи вакцинирани против грип
Бактериска пневмонија, мозочен и срцев удар - ова се можните компликации кај популацијата над 65 годишна возраст доколку заболат од грип.
Како дел од ризичната група, имунизацијата против сезонскиот вирус кај нив е препорачлива.
И 99 годишници има пријавено на „вакцинација.мк“ кои сакаат да бидат заштитени од компликации и потешка форма на болеста.
- Откако наполнив 60 и кусур години редовно одам. Не сум се разболела од грип а јас сум и со бубрежна болест и затоа редновно одам на вакцинација. Еве трета година и задоволна сум, штити, велат граѓани.
Лекарите велат дека секој што го пропуштил терминот од оправдани причини може да го искористи во следните три недели.
Исто така апелираа и до семејствата кои имаат повозрасен член, да го пријават на вакцинација.мк бидејќи сако така можат да добијат термин.
Иако се во ризичните групи, слаб е интересот кај здравствените работници и мали деца.
- Исто станува збор и за децата и трудниците, сепак нашата здравствена култура и просветленост не се на високо ниво како во однос на европските земји. Еве на пример во Англија, трудница мора во текот на бременоста доколку е сезона на грип да се вакцинира. Кај нас таа пракса не се случува, изјави д-р Соња Ралева, пункт за вакцинација Бит пазар.
Вчера и денеска вакцина примиле над 800 граѓани.
Досега за вакцинација се пријавени над 55.000, а до 15 ноември кога треба да пристигне нова тура на вакцини, на располагање се 30.000 дози.
Вакцините се бесплатни за ризичните групи а пунктовите за имунизација се отворени само во работните денови.
-

Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар
