Фриленсери и хонорарци кои работеле во странство ќе треба да платат данок за 2021
Фриленсери и хонорарци кои работеле во странство во 2021 или биле ангажирани од странска фирма – ќе мора да платат данок. Управата за јавни приходи почна да им праќа известувања на сите кои не го пријавиле остварениот доход пред 5 години.
Меѓу нив и лицата кои издавале преку Букинг и ЕРбнб, оставиле добивки од криптовалути, од продажба на имот, дивиденди, авторски права, игри на среќа, камати и други приходи. Ако не го сторат тоа доброволно, Управата ќе преземе мерки во рамките на своите надлежности.
Од УЈП појаснуваат дека не секој граѓанин кој добил порака за остварен доход од странство треба да поднесе електронска пресметка. Приливите добиени на подарок, семејна поддршка, позајмица или трансфер преку сервисите за пренос на пари, не подлежат на оданочување.
Затоа лицата треба да располагаат со соодветни докази за основот на приливот. Од УЈП апелираат граѓаните кои оствариле доход во 2021 година, навреме да поднесат пресметка на данокот и да извршат уплата на истиот, за да не се соочат со прекршочна пријава.
Минатата година Управата почна со постапки за неплатетен данок на парите заработени во 2020 година. Решенија примија над 9,000 илјади лица, од кои беа наплатени 2,8 милиони евра. Колку лица ќе бидат опфатени за 2021, од Управата ќе соопштат деновиве.
-

Наташа Мерсовска
Сите содржини од овој новинар
