Европратениците ги критикуваат новите овластувања на Фронтекс за надзор на социјалните мрежи

Новите овластувања предложени за агенцијата на ЕУ за граници „Фронтекс“ кои би ѝ овозможиле надзор на социјалните мрежи, претставуваат закана за слободата на говорот, предупредија европратениците и невладините организации.
Европската комисија претходно оваа недела предложи голема реорганизација на Фронтекс, која вклучува широк и експлицитен мандат за надзор на социјалните мрежи со цел прибирање информации кои помагаат или охрабруваат илегални преминувања на границите на ЕУ.
Италијанскиот европратеник Брандо Бенифеи за бриселски „Политико“ изјави дека било „легитимно“ властите да ги отстрануваат онлајн содржините кои се однесуваат на шверцување луѓе. „Сепак, широкиот мандат за надзор на социјалните мрежи оди многу подалеку, ставајќи го говорот на интернет под надзор на граничната служба“, рече европратеникот од редовите на социјалдемократите.
Бриселскиот портал потсетува дека во 2019 година беше поништен тендер за надзор, кој подразбираше слични овластувања, во услови на критики за повреда на приватноста.
– Комисијата сега предлага преземање инвазивно онлајн следење какво што спроведува ИЦЕ – рече Бенифеи, алудирајќи на многу критикуваните тактики на американската Служба за имиграција и царина.
Според предлогот на ЕУ, Фронтекс би воспоставил внатрешна структура за следење на социјалните мрежи и на платформите би им пријавувал содржини за кои смета дека го олеснуваат илегалниот влез во ЕУ.
Реформата на граничната агенција доаѓа во време кога Комисијата настојува двојно да го зголеми нејзиниот буџет за периодот 2028 – 2034 година и значително да ги прошири овластувањата за депортација.
ЕУ веќе има неколку структури кои го олеснуваат споделувањето информации меѓу цивилното општество, платформите на социјалните медиуми и властите кога станува збор за кампањи за дезинформации или илегални содржини, вклучувајќи го и системот за брзи одговори во рамките на Законот за дигитални услуги (DSA).
Порталот пишува дека Брисел мора да биде многу внимателен, посебно имајќи ги предвид критиките дека се обидува да стане арбитер за вистината во онлајн просторот. Исто така, законитоста на содржините ја одредуваат државите кои ги задолжуваат државните органи или организациите на цивилното општество да ги следат платформите и да ги идентификуваат проблемите.
Фронтекс, според предлогот, би поднел барање за статус на „доверлив пријавувач“ во рамките на DSA, што ќе овозможи содржината што ја пријавува до платформите да има приоритет.
– Програмата за „доверливи пријавувачи“ во рамките на DSA никогаш не била замислена да ѝ овозможи на полицијата заобиколување на пропишаната правна процедура при проценка на законитоста на она што луѓето го објавуваат на интернет – рече Јан Пенфрат од организацијата на цивилното општество EDRi.
Полскиот десничарски европратеник Пјотр Милер за „Политико“ изјави дека „мандатот (на Фронтекс) мора да биде прецизен“ и насочен кон криминалните мрежи. „Фронтекс треба да се занимава со шверцерите и трговците со луѓе, а не да ги контролира ставовите на луѓето за миграцијата“, рече тој.
Милер и припаѓа на групата која го критикува DSA бидејќи смета дека тој закон претставува вид полициска контрола врз слободата на говорот на интернет.
За „доверливите пријавувачи“ се разговарало, меѓу другото, и на состанокот во вторникот зад затворени врати на потпретседателката на Комисијата, Хена Виркунен, со потписниците на кодексот на DSA за дезинформации.
Според двајца учесници на состанокот, заменичката-директор на Генералниот директорат за комуникациски мрежи, содржини и технологија (DG CONNECT), Ренате Николај, се обидела да ги ублажи загриженостите во врска со слободата на говорот.
Некои европратеници имаат позитивен, иако резервиран став за промената на мандатот на Фронтекс. Ирската европратеничка Регина Доерти за порталот изјави дека на агенцијата ѝ е потребна алатка за да одговори на растечките закани на европските граници, вклучително и од шверцерите кои ги користат социјалните мрежи за да лажат и да промовираат опасни преминувања на границата.
– Сега приоритет е прецизно да се утврдат деталите за надлежните да можат брзо да дејствуваат во јасна правна рамка, а платформите да преземат одговорност за илегалната содржина – истакна Доерти.
Австрискиот европратеник од десниот центар, Андреас Шваб, рече дека „социјалните мрежи очигледно стануваат сè поголема причина за грижа“, но дека ЕУ не треба да има премногу алатки, туку да го искористи DSA.
Поранешниот директор на Фронтекс, европратеникот Фабрис Леџери од француското крајно десничарско Национално собрание изјави дека новата моќ на граничната агенција претставува „обид за цензурирање на слободата на говорот во Европа“ од страна на претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен.
Комисијата не одговори на барањата на порталот за коментар во врска со експертизата на Фронтекс во областа на надзорот на содржини на мрежите.
МИА
Ново на Сител
-

Андоновски: Во 2027 година очекуваме камен-темелник за националниот дата центар
-

Муцунски и Ивановиќ: Европската интеграција, реформите и новата авиолинија во фокусот на разговорите
-

Европратениците ги критикуваат новите овластувања на Фронтекс за надзор на социјалните мрежи
-

Мисајловски: Со реформата конечно го решивме прашањето на професионалните војници
-

Шест месеци до година за законско прифаќање на дигиталните лични карти и возачки дозволи, објасни министерот
-

Во Битола над старата касарна откриени и отстранети 1.700 рачни бомби од Првата светска војна
-

Илјадници пациенти плаќале за операции на очи кои веќе ги покрил Фондот: Осум лица приведени
-

„Одек низ времето“ – музичко патување низ епохите на класичната музика
