УГД - Штип, нулта толеранција за корупција
Полициски службеници од утрово вршат претреси на повеќе локации во Штип и Скопје, во рамки на истрага за неовластено навлегување во компјутерски систем на штипскиот Универзитет„Гоце Делчев“.
Постои сомнение дека раководителот на ИТ секторот подолг временски период манипулирал со студентската евиденција, овозможувајќи внесување бодови од испити, запишување семестри без исполнети услови, но и бришење оценки, за што наводно добивал паричен надомест. Според првичните сознанија, ваквите услуги главно им ги нудел на студенти од Турција.
Извори на Сител откриваат дека при претресите во домот на осомничениот била пронајдена и поголема сума пари.
-Полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција, СВР Штип, СВР Скопје и Секторот за компјутерски криминал при МВР, по судска наредба обезбедена од Основното јавно обвинителство Штип вршат претреси на повеќе локации во Штип и Скопје во врска со сторени кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“ од страна на Р.Т. раководител на информатички сектор при Универзитетот Гоце Делчев во Штип, изјави Гоце Андреевски, портпарол на МВР.
Во врска со денешната полициска акција се огласија и од УГД. Од Ректоратот најавуваат целосна соработка со МВР и надлежното обвинителство за расчистување на случајот.
-УГД има нулта толеранција за корупцијата и злоупотребата во академската заедница и сметаме дека ваквите и слични случаи се во насока да се обезбеди подобро, поквалитетно и пообјективно студирање. Сакаме да ја увериме академската заедница, пред сè нашите студенти, наставниот и административниот кадар, како и пошироката јавност, дека УГД останува посветен на темелните академски вредности, на чесност и вистинитост, и останува проактивен во насока на сузбивање на девијантните појави. Како јавна високообразовна институција ја уверуваме јавноста дека остануваме посветени на транспарентноста, отвореноста и институционалниот интегритет.
Од Универзитетот уверуваат дека наставниот процес и академските обврски продолжуваат непречено, а заштитата на угледот и вредноста на дипломите на чесните студенти останува приоритет.
-

Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
