Паника на Волстрит: Остриот пад на акциите избриша милијарди долари од пазарот

Остра распродажба на акции го одбележа вчерашното тргување на светските берзи, при што најголем удар претрпеа компаниите поврзани со изградбата на центри за податоци за вештачка интелигенција.
Со тоа целосно беше избришана добивката што американскиот пазар на акции ја оствари претходниот ден, кога го забележа најголемиот раст во последните три месеци.
Индексот „S&P 500“ на „Волстрит“ падна за 4,4 отсто, што е негов најлош резултат од април 2025 година, кога претседателот Доналд Трамп ги потресе светските пазари со воведувањето царини во рамки на програмата „Ден на ослободувањето“. „Dow Jones Industrial Average“ загуби 1.833 поени, односно 3,4 отсто, а „Nasdaq“ падна за 5,5 отсто.
„Nasdaq“, во кој има голем удел на технолошките компании меѓу кои и оние поврзани со вештачката интелигенција, сега е 11,9 отсто под рекордното ниво достигнато минатиот месец. Во финансискиот речник, пад поголем од десет проценти се нарекува „корекција“.
Падот особено ги зафати акциите на компаниите што профитираа од бумот на вештачката интелигенција. Јужнокорејскиот индекс „KOSPI“, на пример, загуби 5,3 отсто. Вредноста на акциите во тој сектор веќе со месеци осцилира поради стравувањата дека изградбата на нови центри за податоци би можела да забави поради високите трошоци за задолжување. Критичарите сметаат и дека акциите на компаниите поврзани со вештачката интелигенција се преценети и дека на пазарот се создава „балон“.
Дополнителна неизвесност донесоа и американските конгресни избори одржани во вторникот. Победите на демократите во повеќе делови од земјата ја отворија можноста властите да ја запрат изградбата на нови центри за податоци. Гласачите, без оглед на политичката припадност, се претпазливи кон вештачката интелигенција, а незадоволни се и од повисоките сметки за електрична енергија, делумно предизвикани од работата на овие центри.
Забавувањето на изградбата на центрите би значело и помала побарувачка за специјализирани чипови, електрична енергија и други производи и услуги што се користат во развојот на вештачката интелигенција. Токму тој бум е еден од главните двигатели на растот на американската економија.
Акциите на „Енвидија“, производителот на чипови кој стана симбол на подемот на вештачката интелигенција, паднаа за 9,3 отсто. Компанијата имаше најголем негативен придонес во падот на индексот „S&P 500“. Од почетокот на годината, нејзините акции се намалени за 2,6 отсто, откако во претходните три години забележаа годишен раст од околу 39, 171 и 239 отсто.
Акциите на „Адвансд Мајкро Дивајсис“ паднаа за 17,3 отсто, на „КорВив“, компанија што преку облак им изнајмува на клиентите пристап до чипови за вештачка интелигенција, за 9,8 отсто, а на „Џи И Вернова“, која обезбедува опрема и услуги за напојување на центрите за податоци, за 7,5 отсто.
За инвеститорите дополнителен проблем е тоа што производителите на чипови за вештачка интелигенција имаат голема тежина на Волстрит, бидејќи нивните компании се меѓу најголемите на пазарот. Така, промената на вредноста на акциите на „Енвидија“ за само еден отсто има поголемо влијание врз индексот „S&P 500“ отколку истата промена кај речиси која било друга американска компанија.
На другите финансиски пазари, првичната реакција на резултатите од американските конгресни избори донекаде се смири. Цената на барел сурова нафта „брент“ порасна за 3,9 отсто, на 98,29 долари, надоместувајќи значителен дел од падот од речиси девет отсто претходниот ден. Сè уште има неизвесност околу натамошниот тек на војната со Иран и околу тоа кога глобалната енергетска индустрија ќе може да се врати во нормала.
Во меѓувреме, продолжи падот на приносите на американските државни обврзници. Приносот на десетгодишните обврзници се намали на 4,84 отсто, од 4,90 отсто колку што изнесуваше доцна во средата. Во изборната ноќ беше 4,95 отсто, а минатиот месец надмина 5,30 отсто. Ова може да укажува дека инвеститорите ги пренасочуваат парите кон американските државни обврзници, кои ги сметаат за посигурна инвестиција во време на пад на берзите.
Приносите на обврзниците се намалија и покрај неколкуте охрабрувачки извештаи за состојбата на американската економија.
На берзите во Европа и Азија движењата беа различни. Покрај Јужна Кореја, падот на технолошките акции го погоди и Јапонија, каде што индексот „Никеи 225“ загуби 1,8 отсто.
Лондонскиот индекс „ФТСЕ 100“ падна за 0,4 отсто, откако Банката на Англија за првпат во последните три години ја зголеми основната каматна стапка со цел да ја ограничи високата инфлација.
Од Банката соопштија дека следните одлуки за каматните стапки во голема мера ќе зависат од развојот на војната со Иран, која влијае врз цените на нафтата, додека инфлацијата останува висока во светот.
МИА
Ново на Сител
-

Сите банки во Македонија најавуваат технички прилагодувања викендов, можни се прекини во плаќањата
-

Милнер се подготвувал за дебитантскиот маратон со помош на вештачка интелигенција
-

ПМФЛ: Португалецот Рибеиро го напушти Башкими
-

Ќе ги гледаме ли соништата како филм? Јапонски научници со помош на ВИ успеале да откријат што сонуваме
-

Лангстон Лав трето американско засилување на ГКК Штип
-

Приведен скопјанец во Кучевиште, превезувал огревни дрва без документација и возел без дозвола
-

Паника на Волстрит: Остриот пад на акциите избриша милијарди долари од пазарот
-

Посебен сообраќаен режим утре кон градските гробишта поради Задушница
