Балкан
10. November 2026 - 11:18

Бугарија: Најмалку 11 загинати и десетици повредени во верижните сообраќајки со над 70 возила

Најмалку 11 лица загинаа, а 48 се повредени утрово во две тешки верижни сообраќајни несреќи на автопатот „Тракија“ во југоисточна Бугарија, во кои учествувале повеќе од 70 автомобили, камиони, автобуси и комбиња – соопшти бугарскиот премиер Румен Радев пред новинарите во Варна. Локални медиуми јавуваат дека бројот на починати засега е 12.

Бројот на загинати го потврди обласниот управител на Јамбол, Георги Чалаков. Претходно, Дијана Русинова од Европскиот центар за транспортни политики соопшти дека во несреќите животот го загубиле 10 луѓе.

Заменик-директорот на болницата во Јамбол, д-р Валентин Валчев, изјави дека 11 повредени се примени во тешка состојба. Седуммина имаат посериозни повреди, тројца имаат скршеници на екстремитетите, а за останатите сè уште се утврдува степенот на повредите.

На местото на несреќите постојано пристигнуваат амбулантни возила, на секои две до три минути.

„Има заглавени луѓе. За жал, веројатно има и загинати“, изјави началникот на сообраќајната полиција во Јамбол, главниот инспектор Тодор Мишинов.

На некои места спасувачите морале да ја сечат каросеријата на автомобилите за да ги извлечат патниците.

Според сведоштво на еден од учесниците во несреќата, видливоста поради густата магла била најмногу 30 метри. Тој за телевизијата „Нова“ раскажал дека по судирот се запалил и автомобил, а возачите кои веќе учествувале во несреќата им сигнализирале на другите автомобили да ја намалат брзината и да внимаваат.

Во несреќите учествувале повеќе од 50 возила, меѓу кои автомобили, автобуси и камиони. Еден камион излетал од коловозот и се превртел. Како главни причини за судирите се наведуваат густата магла и влажниот коловоз.

Веднаш по несреќите биле активирани итните служби, полицијата и армијата. Медицински хеликоптер испратен од Сливен првично не успеал да слета на местото на несреќите.

Првата несреќа била пријавена околу 7:10 часот, на 289. километар од автопатот, во правец кон Бургас. Набргу потоа бил пријавен и втор судир во спротивниот правец, кон Софија.

Автопатот „Тракија“ е затворен во двата правца, а сообраќајот се пренасочува преку клучката „Карнобат“, патот I-6 кај „Петолачката“, Сливен, патот II-53 и клучката „Крушаре“. На делницата од 288. километар до клучката „Кабиле“ се формирала долга колона возила.