Македонија
12. November 2026 - 12:25

Нов тренинг центар за безбедна храна во светиниколско Амзабегово

По откриените неправилности кај дел од млекарниците, повторно се отвора прашањето за квалитетот и правилното декларирање на млечните производи. Универзитетските професори предупредуваат дека потрошувачите мора да знаат што купуваат.

- Одредени млекарници не ја почитувале декларацијата и наместо животински масти во производството користеле масти и масла од растително потекло, но тоа остана на тоа ниво. Растителните масти не се штетни за здравјето, меѓутоа треба да бидат јасно декларирани, изјави Димитар Наков, Земјоделски факултет, УГД- Штип

За подобра поддршка на домашните производители, во селото Амзабегово во општина Свети Николе, УГД ќе отвори Тренинг центар за производство на квалитетно и безбедно млеко и месо. 

- Кај нас нема лабораториски ресурси за испитување на месо и на млеко. Со оваа проектна апликација ќе имаме. Таму ќе направиме мини-погон за преработка на млеко и мини-погон за преработка на месо. Тоа нема да бидат комерцијални објекти, туку тренинг-центри каде што ќе има опрема со највисоко ниво на дигитализација, додаде Наков

Во проектот се вклучени и компании од прехранбената индустрија, кои ќе овозможат обука во реални производствени услови. Паралелно, во фаза на акредитација се две програми за доживотно учење. Едната програма ќе биде за оператор во синџирот за производство на млеко и млечни производи, а другата за оператор во синџирот за производство на месо и производи од месо.