Македонија
13. јуни 2016 - 16:27

Владата бара од Бирото за вештачење да ја утврди штетата од „Шарената револуција“

Државата почна процедура за проценка на штетите од на таканаречената “шарена револуција”, која ќе ја врши Бирото за судски вештачења.

Се очекува да бидат опфатени оштетените објекти на Собранието и Владата, Портата Македонија, министерствата за правда и култура, Управата за јавни приходи, Агенциите за медиуми и за вработување, поголем број на споменици и обележја, плоштади, зградите на општините Битола, Прилеп, но и други  објекти кои беа мета за време на протестите.

Од Владата потврдуваат дека проценката на штетите е почната и додаваат дека Бирото веќе има направено вештачење на некои оштетени објекти, по барање на самите субјекти.

-Владата на седница го задолжи Бирото за судски вештачења во рок од 30 дена да изврши проценка на штетите врз административните згради на државните институции, административните згради на локалните самоуправи, споменици, плоштади и други објекти во Република Македонија, штети кои се настанати како резултат на одржаните протести во изминатиов период во повеќето градови низ земјата, и истата да ја достави до Владата и до институциите во чија надлежност се оштетените објекти, изјави владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Тој додава дека проценката е потребна за да може да се утврди план за санација на објектите.

-Сите овие објекти и јавни добра се создадени од средства на граѓаните. Како држава е потребно да направиме проценка на настанатите штети, за да направиме проценка на финансиските трошоци кои се потребни за санирање на објектите и јавните добра, како и за да се утврди план за процедурите и активностите за санацијата, вели Ѓорѓиев.

Неофицијално досегашната штета се движи од неколку стотици илјади, а според некои проценки надминува и милион евра.

Досега институциите поведоа постапки против неколку лица за утврдување на одговорноста за направена штета при овие протести. Медиумите пишуваа дека во некои земји во Западна Европа и САД за оштетување на јавни објекти предвидени се соодветни прекршочни или кривични санкции.