Македонија
15. јуни 2016 - 17:02

Македонија од утре под влијание на топлотен бран - температури и до 40 степени

Утре жолта, а викендот портокалова фаза во Македонија. Топлотен бран ќе ја зафати земјава. Температурите ќе го достигнат 40-тиот степен. Ни претстојат најтоплите денови оваа година. Лекарите советуваат организмот постепено да се навикнува на силното сонце. На вакво време многу лесно може да дојде до влошување на здравјето.

-Температурните разлики се шок за организмот и затоа се препорачува да не се излегува без потреба на сонце и граѓаните без потреба да не се задржуваат на отворено, компликациите се од колапси, забрзана работа на срцето, изнемоштеност, вели д-р Оливер Алексовски, раководител на смена во Брза Помош.

Со препораки до населението излезе и министерството за здравство. Советуваат без потреба да не се излегува на отворено од 11 до 17 часот.

-Консумирање лесна храна и течности, хигиенски начин на подготовка на храната и избегнување консумација на лесно расиплива храна. За хронично болните лица се препорачува редовно да ја земаат пропишаната терапија, додаде д-р Алексовски.

Од министерството за здравство информираат дека ќе ја следат состојбата и доколку има потреба ќе излезат со дополнителни препораки за полесно справување со горештините.