Државата ќе рефундира давачки за набавка на возило на семејства со инвалид
Државата ќе ги рефундира давачките за набавка на автомобили на семејствата во кои има лица со инвалидност. Министерството за труд и социјала целосно ќе ги покрие средствата за платени царински давачки, ДДВ и акциза. Овој проект се однесува на лица со најмалку 80 проценти инвалидност на долните екстремитети, со умерена, тешка и длабока интелектуална попреченост, потполно слепо или глуво лице, или пак нивни старатели или родители. Барањата за рефундирање на парите ќе може да ги поднесат во Центрите за социјална работа од денеска до 30 септември.
- Во Прилог на барањето треба да се поднесат и наод оцена и мислење на надлежна комисија за утврдена категорија инвалидност на која се однесува проектот, примерок или заверена копија од царинска декларација не постари од 12 месеци од денот на подмирување на царинските давачки и акцизите при увоз на автомобилот, издадени од царински орган, доказ за платен данок на додадена вредност, изјави Диме Спасов, министер за труд и социјална политика.
По завршувањето на огласот комисија ќе изврши увид во домот на барателот и ќе одлучува по однос на поднесените барања. Предност ќе имаат лицата во чии семејства има и друго лице со инвалидност.
- Со овој проект се реализира уште едно ветување за лицата со инвалидност, се реализира уште едно барање на националните сојузи на лицата со инвалидност, и со него ќе продолжиме да го подобруваме животот на лицата кои имаат најголема потреба од поддршка, рече министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
За реализација на оваа програма предвидени се 9 милиони денари од буџетот на министерството за платени давачки за 50 автомобили за 2016 година. Најголем износ кој може да биде рефундиран е 180 илјади денари.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
