Забраната за капење во Дојранското езеро треба да се повлече - Новите резултати утврдија квалитет на вода од втора категорија
Новите испитувања покажуваат дека водата во Дојранското езеро е безбедна за капење, тврдат од Центарот за јавно Велес. Анализите биле работени и според стариот и според новиот правилник. Директорката на Центарот вели дека и по старата метода водата е од втора категорија и нема бактерии опасни по здравјето на луѓето. Примероците покажале добри резултати на сите 4 плажи каде претходно ДСЗИ го забрани капењето.
-Водата на езерото на плажта Златен брег е од втора категорија, на плажата Калдрма е од втора, на Градската плажа и на плажата Црвен крст исто така водата е од втора категорија. Тоа значи дека водата е безбедна за рекреација. Стручните наоди покажуваат дека водата е од петта класа по заматеност и присуство на кислород, втора класа по бактериска контаминација и по однос на останати испитани параметри е од втора класа“, рече д-р Флорентина Шурбевска Ристовска, директор на ЦЈЗ Велес.
Од ЦЈЗ Велес велат дека резултатите се подобрени откакако се превземени мерки за намалување на комуналното загадување. Токму и во ова е разликата меѓу стариот и новиот правилник за испитување на водите кој стапува на сила утре. Според него се третира само фекално загадување и се бараат патогени бактерии. Директорката на Центарот апелираше луѓето совесно да се однесуваат кон езерото.
-Да се воздржат од фрлање комунален и каков било друг отпад во езерото, бидејќи и тоа допринесува за загадување на водата, додаде д-р Шурбевска Ристовска.
По добивањето на новите резултати ДСЗИ ја укинува забраната за капење во Дојранското езеро.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
