Македонија
15. August 2016 - 16:16

Мерките даваат надеж: 100 процентно обештетување за граѓаните

Десет дена по катастрофалната поплава чичко Ацо Смилевски од Стајковци сеуште ја изнесува оштетената покуќнина. Водата му го уништила целиот мебел и апаратите за домаќинство сместени во приземјето на куќата. Утринава неговиот дом го посетиле и екипа од проценители за да ја евидентираат штетата.

Тој ја пофали  брзата реакција на сите надлежни институции кои помагаат во санирањето на последиците од елементарната непогода. Чичко Ацо е задоволен и од најавата на Владата дека 100 проценти ќе бидат обештетени домаќинствата кои имаат штети. Во целост ќе бидат покриени оштетениот мебел, апарати за домакинство и останатата покуќнина.

Штета има и внукот на чичко Ацо. Во домот на Богданчо Смилевски надојдената вода му ги оштетила фрижидерите,  дел од мебелот, а паркетот се подигнал. И кај него поминале проценители за да ја запишат штетата.

Целосното обештетување е првата од 8-те мерки донесени од Владата. Исто така до крајот на годината ќе бидат ослободени од партиципација за здравствени услугии сите погодени од катастрофалното невреме. Домаќинствата од кризните подрачја  три месеци нема да плаќаат надоместок за вода и ѓубретарина, а семејствата кои имаат ученици ќе добијат парична помош за потребниот прибор.

Граѓаните од погодните места кои не ги легализирале своите куќи ќе добијат бесплатна изработка на геодетски елаборат, Со пакетот мерки семејствата од погодените подрачја кои примаат социјална помош и останати додатоци од државата ќе добијат  50 отсто зголемување на овие примања до крајот на годината, а за  земјоделците ќе се обезбедат 30 тони јачмен од државните резерви за сточна храна, а исто така  ќе добијат и бесплатна анализа  на поплавената почва за да се утврди дали истата може да се прочисти и користи во иднина.