Ракомет
12. September 2016 - 19:37

Нови дуели за Вардар и Металург во Сеха лигата

Македонскиот ракометен вицепрвак Металург по двата пораза од ланските финалисти во СЕХА лигата, го очекува уште еден тежок натпревар. Металург в среда ќе биде домаќин на силниот белоруски тим Мешков Брест. Тренерот Лино Червар посакува покрај искуството, неговата екипа да стигне и до првите бодови.

- Против Веспрем игравме добро во првиот дел, потоа имавме падови и успони и технички грешки кои не треба да ги правиме. Но, ние треба најмногу да профитираме од СЕХА лигата. Покрај искуството, треба да научиме како да играме на резултат и како да се натпреваруваме. Мешков Брест е екипа која со Вардар, Веспрем и Загреб се ТОП 4 во СЕХА лигата. Ќе ни биде тешко особено што имаат висока зона. Добро е што Нелоски се враќа, а најверојатно во среда ќе бидеме комплетни, воедно добро е што ја намалуваме разлика во однос на конкурентите, изјави тренерот на Металург Лино Червар.

На денешната прес-конференција присуствуваше и Мартин Велковски.

- Мешков Брест се фаворити. Тоа за нас е само мотивација плус. Во подготовките игравме против нив и загубивме на турнирот во Кањижа. Очекувам во среда да дадеме посилен отпор, истакна Велковски.

Натпреварот Металург - Мешков Брест се игра на 14 септември со почеток во 17 часот во „ВИП Арена“ во СЦ „Борис Трајковски“.